1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трка рамо до рамо на Трамп и Клинтон

СН/ртр/мф/дпа3 септември 2016

Најновите анкети сугерираат речиси изедначена трка во предизборната кампања за претседателските избори во САД. Доналд Трамп успеа да ја престигне Хилари Клинтон

https://p.dw.com/p/1JvEV
USA Vorwahlen Bildkombo Donald Trump Hillary Clinton
Фотографија: Reuters/D. Becker/N. Wiechec

Според резултатите од последната анкета на Ројтерс/ Ајпсос, Доналд Трамп ја престигнал според популарноста својата ривалка од Хилари Клинтон, која само до пред кратко време во анкетите бележеше двоцифрена предност пред Трамп.

Меѓутоа кандидатот на Републиканската партија за американските претседателски избори, очигледно во последните недели успеал да ја зацврсти поддршката меѓу веројатните гласачи во неговата партија.

Анкетата спроведена во текот на седмицата од 26-ти август до 1-ви септември, покажува дека 40 отсто од веројатните гласачи би го поддржале Доналд Трамп, а 39 процени би гласале за кандидатката на Демократската партија, Хилари Клинтон. Истовремено, 20 отсто од испитаниците се изјасниле против двајцата кандидати.

Во случајот, кога на испитаниците им било предложено да изберат еден од четворицата кандидати за претседателската функција, Трамп и Клинтон биле изедначени според поддршката со 39 отсто. Меѓу републиканските избирачи, дека ќе гласаат за Трамп се изјасниле 78 отсто од испитаниците. Анкетата била спроведена интернет во сите 50 сојузни држави на САД, и со неа биле опфатени 1.804 испитаници.

Bildkombo Hillary Clinton Donald Trump Vorwahlen USA Arizona
Фотографија: picture-alliance/dpa/Skidmore/

Поранешната прва дама и државна секретарка на почетокот од август во анкетата на Ројтерс/Ајпсос имаше предност од рекордни дванаесет а потоа пред неколку седмици од осум процентни поени пред републиканскиот кандидат.

Збирните резултати од неколку големи анкети покажуваат дека последните седмици предноста на Хилари Клинтон се намалува, но според тие анкети таа сепак уште изнесува меѓу 3 и 7 процентни поени. Некои, пак, анкети покажуваат дека разликата меѓу двата претседателски кандидата е уште помала.

Телевизиските дуели меѓу кандидатите на Републиканската и на Демократската партија се закажани за 26-ти септември, и 9-ти и 19-ти октомври.

Инаку впечатливо од збирните резултати од анкетите е дека и Трамп и Клинтон и натаму имаат високо ниво на непопуларност, 59 отсто за републиканецот и 51 процент за демократката. Претседателските избори во САД се оддржуваат на 8 ноември. Демократот Барак Обама по два мандата на функцијата нема право да се кандидира одново .