1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тројката“ со позитивни впечатоци заминува од Атина

СН/АТ/дпа/ртр/миа/афп5 август 2012

Експертите од т.н меѓународна „тројка“ доверители позитивно ги оценија последните разговори со владата во Атина околу грчкиот пакет мерки за штедење.

https://p.dw.com/p/15kI9
Фотографија: AP

Советувањата со владата во Атина поминаа добро и е остварен добар напредок, беше соопштено од страна на мисијата составена од претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Европската централна банка на крајот од првата рунда разговори со грчките власти околу натамошните мерки за штедење во презадолжената земја, кои се услов за добивање на нова помош.

Експертите од т.н „тројка“ во Грција се задржаа две недели во проверка на напорите на грчката влада за штедење. На крајот од месецов тие повторно ќе се вратат во земјата за да проверат дали мерките за штедење се спроведуваат. Само пред неколку денови грчките владини коалициски партнери се согласија на дополнителни мерки за штедење во вредност од 11,5 милијарди евра. Тие се предуслов за ослободување на нова транша од помошта на меѓународните доверители во износ од 31,5 милијарди евра во септември годинава. Без овие нови финансиски средства Грција би се соочила со банкрот.

Клучни седмици за останување на Грција во еврозоната

Griechenland Finanzminister Yannis Stournaras in Athen
Грчкиот министер за финансии Јанис СтурнарасФотографија: dapd

 Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас во неделата за дневниот весник „Етнос“ рече дека наредните седмици се клучни за задржување на Грција во еврозоната, доколку не бидат усвоени новите мерки за штедење.

Велејќи дека Грците „поднеле значителни жртви“, министерот за финансии Јанис Стурнарас истакнува дека „седмиците коишто доаѓаат се клучни за опстанокот на државата, бидејќи поинаквите избори од оние коишто ги наложува логиката може да доведат до банкрот и до излегување од еврозоната“.

Стурнарас денеска во Атина ги финализираше разговорите со претставниците на „тројката“ меѓународни кредитори, околу мерките за штедење во износ од 11.5 милијарди евра.