1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тројна средба Меркел – Блер – Анан во Берлин

Моника Дитрих25 април 2007

Се разговарало за помошта на развиените земји за Африка

https://p.dw.com/p/AbxZ
Блер, Меркел и Анан во Берлин
Блер, Меркел и Анан во БерлинФотографија: AP

Во кабинетот на Ангела Меркел двајца гости истовремено – британскиот премиер Тони Блер и поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, кој сега претседава со новоформираната Комисија за прогресот на Африка. Токму на таа тема и разговараа тројцата политичари: што можат и мораат да сторат индустриските земји за Африка.

Тони Блер пред две години како домаќин на светскиот економски самит во Гиниглс во фокусот го стави сузбивањето на сиромаштијата во Африка. Канцеларот Ангела Меркел на претстојниот самит на Г8 овде во Германија исто така ја стави Африка меѓу приоритетните теми.

“Колку повеќе гледам што се случува во Африка, пред се’ во кризни региони како Сомалија или Судан, дотолку повеќе сум убеден дека ние мораме долгорочно и одговорно да се грижиме за Африка. Инаку, самите ќе трпиме штети и ќе ги почувствуваме сиромаштијата, масовните бегалства и ширењето на тероризмот” – рече Тони Блер. Меркел додаде дека јунскиот самит треба да даде нов импулс за унапредување на помошта за Африка.

Пред две години во Глиниглс земјите на Г8 усвоија акционен план за Африка кој предвидува до 2010-та година удвојување на развојната помош на вкупно 50 милијарди американски долари, како и отпишување на долгови на најсиромашните земји во вкупен износ од 40 милијарди долари. “Сега станува збор за тоа да се искористи времето и да се преземат соодветни чекори за исполнување на тие цели” - нагласи Меркел.

Кофи Анан, кој само неколку часа пред средбата стана претседател на новоформраната Комисија за прогрес на Африка, ја истакна функцијата на ЕУ како пример за углед: “Кога ќе го погледам возбудливиот проект ЕУ, тогаш тоа ми дава надеж. Денес во Европа е незамислива војна, иако континентот доживеа две светски војни. Се надевам дека моите деца или внуци некогаш ќе можат да кажат: војна во Африка е незамислива”.

Комисијата за напредок на Африка има намера да го поттикнува дијалогот меѓу владите на африканските земји и меѓународната заедница. Меѓу нејзините основачи се и рок-ѕвездата Боб Гелдоф, како и иницијаторот на Транспаренси интернешенел Питер Ајген.