1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тужба против Папандреу поради неисполнети изборни ветувања

Јанис Пападимитриу
21 јануари 2017

Грчки офицер го тужи поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу за неисполнети предизборни ветувања. Тој тврдел дека во Грција „има доволно пари“, а се покажало дека не е така.

https://p.dw.com/p/2W7YB
George Papandreou
Фотографија: Patricia del Moreira/AFP/Getty Images

Сотирис Зарпалас е огорчен. Младиот политичар на социјалистичката партија Пасок, кој во својот регион Епир важи за носител на политичка надеж, ги критикува политичките кланови, популизмот и клиентелизмот во Грција. Но, сепак, смета дека е бесрамно што токму поранешниот шеф на социјалистите и екс-премиер Јоргос Папандреу (на насловната фотографија), син и внук на поранешни премиери на земјата, треба да одговара пред суд. „Оваа приказна можам да ја третирам само како хумор“, вели Зарпалас во разговор за ДВ. „Мислам дека целата работа не е вредна ниту да се коментира. Тужителот е очигледно зависен од судски процеси и не е сосема при себе.“

Тужителот се вика Димитрис Стаматис. Тој е морнарички офицер во пензија и очигледно има сосема сериозни намери: тој сака Папандреу да одговара за предавство, изборна измама и ширење невистини. Освен тоа, бара и обесштетување во висина од 260.000 евра плус камата. Неговото образложение гласи: во 2009 година тој им поверувал на изборните изјави на Папандреу дека има „доволно пари“ во државната каса и само заради тоа гласал за социјалистите. Непосредно потоа шефот на социјалистите призна дека земјата е соочена со банкрот и нареди остар курс на штедење. Оттогаш, грчката економија се наоѓа во европското одделение за интензивна нега. Затоа Папандреу треба да одговара пред суд. Дали до тоа навистина ќе дојде е прашање, дотолку повеќе што политичарот, кој е и претседател на Социјалистичката Интернационала, постојано патува низ светот.

Griechenland Krise Rückblick
Протести во Грција против политиката на штедење (Атина, октомври 2016-та)Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Папандреу: Воопшто не мислев така

Повод за тужбата е една изјава од предизборната кампања на Папандреу есента 2009 година: „Lefta Yparchoun“ - Пари има (доволно). Со оваа изјава социјалистот одговараше на пораките на тогашниот конзервативен премиер Костас Караманлис за претстојни тешки времиња и за неопходност од штедење. Притоа, Караманлис не сакаше или не можеше да ја обелодени целата вистина за страшната состојба на државните финансии. Со својот крстоносен поход против политиката на штедење Папандреу постигна победа на изборите во октомври 2009 година, но поради вителот на економската криза не можеше да опстане на власт подолго од 25 месеци. На крајот на 2011 година, кога Папандреу најави референдум за политиката за штедење и недолго потоа повторно се дистанцираше од тоа, дојде неговата оставка. Тоа беше дотогаш најкраток мандат на еден грчки премиер од повторното воспоставување на демократијата во 1974 година. „И Папандреу беше популист како толку многу политичари пред него“, критикува грчкиот новинар Танасис Калфас.

Папандреу постојано повторува дека никогаш не тврдел оти „има пари“. Вели дека повеќе сакал да упати предупредување и го мислел следново: само ако Грција се реформира темелно, тогаш ќе има и пари. Но, социјалистите за тоа мораа да платат висока цена. Денес во анкетите имаат рејтинг од најмногу 7 проценти, иако во меѓувреме го променија името во „Демократска алијанса“ и имаат нова лидерка. Младиот политичар Зарпалас нагласува дека е сит од тоа постојано да се правда за минатото на својата партија. „Не е можно Пасок да е одговорен за сѐ во нашата земја. Во партијата е спроведен процес на самокритика до себенегирање, некогаш мора да е доста.“

Неопходна е „обнова“

Обновата на една политичка партија, меѓу другото, е и генерациско прашање. Зарпалас уверува дека повеќе од половината членови во новиот Централен комитет на Пасок се млади луѓе, кои не се професионални политичари. „Овие луѓе немаат ништо со популизмот и клиентелизмот. Тие никогаш не биле вработени 'од некого' во некоја државна институција, ниту пак самите вработиле некого.“ Зарпалас посакува на наредниот партиски конгрес да биде почнат „Курс на обниова“ за младите да добијат повторно доверба во толку многу критикуваната партија на малите луѓе.

Но минатото ги демне социјалистите. Откако Папандреу беше привремено отстранет од страна на своите политички сопатници и со години дејствуваше преку своја отцепена партија, пред неколку дена славеше изненадувачки камбек кај Пасок-социјалистите. Што научил од направените грешки? Во интервју за радиото Параполитика поранешниот премиер дава изненадувачки одговор: „Тогаш требаше да инсистирам на референдум. Сигурно ќе победевме.“