1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туристите ја избегнуваат Грција

Милто Арсенопулос / Елизабета Милошевска Фиданоска16 јуни 2012

Грците на утрешните (17.06.) избори одлучуваат за иднината на земјата во еврозоната. Излегување од монетарната унија за многумина претприемачи е хорор-сценарио. Пред се‘ се „тресе“ туристичката бранша.

https://p.dw.com/p/15EMT
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Во срцето на Атина е затворен еден од најголемите хотели во земјата. Пред неколку дена од „Атенс Империјал“ си заминаа последните гости. Хотелското лоби сега е симбол на кризата во туризмот.

Во главниот град, како и секаде во земјата, се чувствува дека има помалку туристи. Бројот на резервациите е намален за 20 до 30 проценти во споредба со претходната година.

Александрос Басиликос, хотелиер и шеф на Здружението на хотелиери во Атина, е загрижен:

„Парламентарните избори предзвикаа намалување на резервациите. Муштериите се несигурни. Тоа го доживеавме и при последните избори, но мислам дека по изборите бизнисот повторно ќе почне да расне.“

На грчките плажи ги нема пред се‘ германските туристи. Гласините дека постои непријателско расположение кон Германците, ги држат летувачите далеку од Грција. Освен тоа, браншата е оптоварена и од економската криза. Александрос Басиликос објаснува:

„Германскиот концерн ТУИ издаде соопштение дека кај патувањата за Грција ќе зема повеќе кеш, и на тоа реагираше печатот. Но ако соопштението се прочита внимателно, ќе се види дека туристичките компании, меѓу нив и германските, се многу заинтересирани за Грција. Воопшто нема опасности и ризици за туристите.“

Griechenland Wirtschaft Tourismus
На грчките плажи ги нема ГерманцитеФотографија: picture-alliance/chromorange

За да се спаси сезоната, цените на хотелите краткорочно се намалени за 12 проценти. Долгорочно пак, мора да се подобри имиџот на земјата. Воинственото за туристите треба да се ограничи единствено на традиционалното менување на стражата пред парламентот. Земјата сака и мора конечно да даде повторно впечаток на мир.

„Климата мора да се промени темелно. Тема на лоши текстови во печатот беше ососбено Атина. За тоа да се промени правиме одредени напори, на пример - во земјата ги носиме претставниците на туристичките претпријатија за самите да си создадат слика за вистинската состојба“, нагласува Басиликос.

Тој сепак знае - на разнишаната земја и‘ е потребна стабилна влада и мир наместо штрајкови. Само така туризмот ќе има иднина долгорочно.