1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турската влада сака да ја укине можноста за воен пуч

Сенада Соколу/ Александра Трајковска 4 јули 2013

Турската влада планира реформа на членот 35 на интерниот службен правилник на турската армија и да воведе мерки против евентуален воен пуч. Позицијата на војската е една од критиките во однос на демократските стандарди

https://p.dw.com/p/1925j
Фотографија: AP

Од 1960 година во Турција имаше четири воени пучеви, со кои избраните влади ја губеа власта. Последен пат во 2007. година војската отворено се закани со пуч против премиерот Реџеп Таип Ердоган. Сега владата размислува за историски чекор. Таа предлага реформа на членот 35 од интерниот службен правилник на турската војска.

Со промена на овој член треба да се одбегнат воени пучеви во иднина. Едно дополнување на војската треба да и ' ја ускрати можноста да се меша во внатрешно-политичките работи. Турските сили за безбедност со промените на членот 35 ќе треба да бидат надлежни за „закана од странство“.

Заштитници на турската Република

Од 1934. година главна задача на војската е „заштита на турската Република“. Досега армијата себеси се гледаше одговорна не само за заштита на надворешната, туку и на внатрешната безбедност и чувар на „Кемализмот“. Притоа станува збор за идеологија на основачот на државата, Кемал Ататурк, која меѓу другото предвидува строга поделба на државата и религијата. Врз таа основа поранешниот шеф на генералштабот Кенан Еврен за време на воениот пуч во 1980. им стави крај на судирите меѓу левичарските и десничарски групации на улиците на Турција, кои наликуваа на граѓанска војна. Оваа акција првовремено беше поздравена. Но, потоа станаа јасни нејзините размери: 650.000 уапсени, 50 погубувања, 171 мртви од измачување. Десетици илјади го загубија државјанството и беа принудени на бегство во странство.

„Пред воените пучеви секогаш имаше голема кампања на омраза против избраните влади. Тие не беа спроведувани само директно од војската, туку заедно со други коалициони партнери, со елитите“, појаснува Адем Сезуер, декан на правниот факултет на универзитетот во Истанбул. Честопати судирите меѓу групите народи или политичките групи беа провоцирани и програмирани од турската држава во држава (конспиративна мрежа на војската, тајните служби, политиката, судството, администрацијата, н.з.) вели професорот за ДВ. „Мнозинството од населението треба да мисли, дека земјата е во опасност - и дека војската треба да не‘ спаси“, нагласува Сезуер.

Türkei Adem Sözüer Istanbul
Адем СезуерФотографија: Adem Sözüer

Од правен аспект членот 35 во сегашната форма не оправдува никаква воена интервенција, бидејќи тој укажува на уставот, подвлекува Лами Бертан Токузли, правник за уставно право на Билги универзитетот во Истанбул. „Воено преземање на власта е вонредна ситуација. Со тоа се укинува постоечкиот устав. Се презема секоја власт, која меѓу другото произлегува од законодавецот и правната држава. Тоа не може да се основа само на еден закон. Тоа не е легален процес“, појаснува Токузлу во разговор за ДВ.

Türkei Lami Bertan Tokuzlu Experte Uni Istanbul
Лами Бертан ТокузлиФотографија: DW/S. Sokollu

Адем Сезуер наведува дека членот 35 всушност служел за правдање на пучистите. „Членот 35 не укажува дека смее или треба да се изврши воен пуч. Но, потребен е некој член за тоа да може правно да се оправда.“ Така погледнато, членот е „само инструмент за разубавување“ на пучистите. Меѓутоа и без овој член може да бидат изведени пучеви, неговата промена има само симболично значење, нагласува Сезуер. „Но за демократизацијата и за надминувањето на минатото потребни се такви симболични чекори“.

На демократизаицијата меѓутоа и‘ се потребни натамошни чекори, смета Сезуер. „Би требало многу да се смени во воената обука. Младите луѓе започнуаваат со служба во војската и таму се колнат дека ќе ја бранат земјата од внатрешни и надворешни непријатели. Кога некој со години така ќе биде образован и кога ќе дојде во една таква политичка ситуација, тогаш тие чувствуват одговорност“, смета Сезуер.

Ankara Militärputsch in der Türkei 1980
Анкара - воен пуч во Турција во 1980 годинаФотографија: AP

Протестите во паркот Гези како повод за реформа?

Правникот Токузлу претпоставува дека постои поврзаност меѓу протестното движење ширум земјата и промените на членот 35. „Постојат случаи, во кои воени службеници им помагаа на демонстрантите, со тоа што на улиците на пример делеа гас маски“, појаснува Токузлу. Меѓутоа војската нема таква намера, нагласува тој. „Армијата е под апсолутна контрола на владата“.

Турскиот новинар Ченгиз Актар исто така претпоставува дека протестите се причина за промена на членот 35. „Можно е владата да сака да му покаже на целиот свет дека таа се'уште се стреми кон повеќе демократија, пред се' поради случувањата од минатиот месец во однос на протестите во паркот Гези“, вели Актар за ДВ. Овој член досега бил легален аргумент за воен пуч, дополнува Актар. „Оваа легална определба одамна би морала да биде укината“.