1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турските националисти го предизвикуваат Ердоган

Чејс Винтер
27 октомври 2017

Отпадниците од турската ултранационалистичка партија најавија ново движење, кое има за цел да го предизвика Ердоган. „Добра партија“ би можела да земе гласачи и од останатите партии.

https://p.dw.com/p/2mb4A
Meral Aksener Türkei Opposition
Мерал АксенерФотографија: Getty Images/A.Altan

По неколкумесечни подготовки, 61-годишната Мерал Аксенер, поранешна министерка за внатрешни работи, во средата во Анкара ја регистрираше  партијата „Iyi Party”- „Добра партија“.

Таа е остра критичарка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на неговата владејачка партија Партија на правда и развој (АКП), кои ги обвинува за поткопување на демократијата, судството, безбедноста и економијата. Сето тоа таа го истакна претставувајќи ја програмата на сопствената партија.

Централно-десничарската партија е секуларна, конзервативна и националистичка, пополнувајќи простор во политичкиот спектар во кој би можела да им одземе гласовите на исламистичко-националистичката Партија на правда и развој (АКП), на главната секуларна опозиција - Републиканската народна партија (ЦХП), како и на ултр-националистичката Партија на национално движење (МХП).

МХП се распаѓа

Заедно со бројни други еминентни членови на МХП, Аксенер во минатата година беше исфрлена од партијата, по обидот да го смени лидерот Девлет Бахчели на партискиот конгрес.

Обидот Бахчели да биде сменет го блокираа судовите и владата, по што Аксенер го обвини Ердоган оти се меша во судството и во полицијата, за да ја спречи промената на власт.

Türkei Ankara MHP
Девлет БахчелиФотографија: Reuters/File Photo/Osman Orsal

Поделбите во МХП се појавија кога Бахчели му пружи поддршка на Ердоган, да биде променет уставот на земјата и да биде воведен претседателски наместо постоечкиот парламентарен систем. Аксенер вети дека во Турција ќе го врати парламентарниот, откако во април на контроверзниот референдум беше поддржано востановувањето на претседателски систем во државата.

Бројни проминентни членови на МХП во текот на неколкуте месеци пред регистрирањето на новата партија станаа нејзини симпатизери, како и стотици членови на партијата кои делуваат на локално ниво.

Во подготовки за избори

„Добра партија“ ќе се подготвува за локалните избори најавени за во март 2019 година, а потоа во ноември ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори.

МХП и АКП ги споделуваат турскиот национализам и конзерватизам, кои географски го преминуваат Црното Море, централна Анадолија, Анкара или Истанбул.

Големи се шансите „Добра партија“ да ѝ земе гласови на МХП и така да го отвори прашањето дали ултранационалистичката партија ќе биде во можност да го премине изборниот праг од 10 проценти за да влезе во парламентот.

МХП претрпе големи штети на изборите во ноември 2015 година, губејќи половина места и едвај преминувајќи ги потребните 10 насто.

„Добра партија“ би можела да добие и гласови од симпатизерите на АКП или да добие гласови од избирачите на опозицијата, кои се загрижени поради политичката и економската иднина на земјата под раководство на Ердоган.

Партијата МХП е основана во 1969 година и има мрачна историја, полна со насилство кога е во прашење односот кон Курдите и левичарите, а некои со неа поврзаната организација „Сиви волци“ ја изедначуваат со фашистичко движење.

„Добра партија“ во својата програма, исто така, ги изостави Курдите, потенцирајќи го на тој начин нејзиниот турски националистички карактер. Но, од друга страна, опширно се занимава со женските права.