1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

201011 Interview Steinbach Türkei Irak Offensive

23 октомври 2011

Турската армија ја прошири офанзивата против ПКК на северот на Ирак. Покрај воздушните напади во операцијата учествуваат и 22 баталјони со околу 15.000 војници. За експертите тоа е кршење на меѓународното право.

https://p.dw.com/p/12wRP
Турски оклопни транспортери во пограничниот предел меѓу Турција и ИракФотографија: dapd

Веќе воената операција што е во тек, а уште повеќе најавите за трајно присуство на турската армија во пограничниот појас меѓу Турција и Ирак, претставуваат кршење на меѓународното право, тврди професорот Удо Штајнбах од Универзитетот во Хамбург. „Операцијата на турската армија може да има некаков смисол од политичка гледна точка, но меѓународно правна основа за таквиот чекор нема. Нејзе би ја имало само доколку централната власт во Ирак ја одобрил воената операција на нејзина територија. Информации за таква согласност меѓутоа нема!“

Нема одобрување од Ирак

Напротив, тврди професорот Штајнбах, средбата меѓу министрите за надворешни работи на Турција и на Ирак, Ахмет Давутоглу и Хошијар Зебари, кој патем и самиот е Курд, изгледаше повеќе како кавга, отколку како согласност. А тврдењата на турската влада дека таа има билатерални спогодби околу гонењето на припадниците на ПКК со регионалната власт во Северен Ирак, кој е доминатно населен со Курди, исто така нема тежина од меѓународно правна гледна точка. Турција, имено, од секогаш се противеше да признае каква и да е форма на државност на Курдите во Северен Ирак, па затоа сега нема смисла да се повикува на договори со тамошната регионална власт кои би и’ дале меѓународно-правна легитимација на воената операција. Патем, тоа би било дури и индиректно зголемување на важноста на регионалната власт во Северен Ирак, населен со Курди, тврди професорот Удо Штајнбах.

Türkei PKK Irak Attacken
Во офанзивата учествуваат и воени хеликоптериФотографија: dapd

Проблеми со имиџот

Според него, воената операција на турската армија на ирачка територија е многу лоша и за имиџот на Турција во арапскиот свет, каде таа во последно време се обидува да се профилира како еден вид пример. Официјална Анкара ја критикуваше своевремено воената операција на израелската армија во Појасот Газа од 2008 година. Но, и израелската влада како оправдување за операцијата наведуваше ракетни напади на палестински екстремисти врз израелската територија, слично на аргументацијата на сегашната турска влада дека операцијата против борците на ПКК има за цел да го заштити домашното население.

Deutschland Udo Steinbach Direktor des GIGA Instituts für Nahost-Studien
Професорот Удо ШтајнбахФотографија: picture-alliance / akg-images

Ако операцијата во Северен Ирак продолжи, централната власт во Багдад би можела да побара за воената агресија на соседната земја да се расправа пред Советот за безбедност на ОН. Евентуална осуда на Турција би можела да има далекусежни штети за турскиот имиџ во арапската јавност и особено во тамошните движења кои се борат за слобода од угнетување. Тоа би било многу контрапродуктивно за актуелниот политички курс на владата на Реџеп Таип Ердоган, која се обидува да се прикаже токму како голема регионална сила и дури како предводник во арапскиот свет.

Автор: Челик Акпинар / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацескa