1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двоен пасош со ограничувања

Даниел Хајнрих/ Симе Недевски28 ноември 2013

Идната владина коалиција во Германија планира да дозволи двојно државјанство за луѓето родени во земјата.Иако Турците ќе имаат најголема полза од тоа, многумина се незадоволни и велат дека одлуката не оди доволно далеку

https://p.dw.com/p/1APr9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Коалициските партнери во идната германска влада имаат намера да внесат новини за прашањето на двојното државјанство. Коалицискиот договор потпишан вчера од лидерите на Христијанско-демократската унуја (ЦДУ), нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјалната Унија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД) содржи одредба со која се елиминира „моделот за избор“ на државјанство за децата на странски родители во Германија.

Оваа одредба предвидува децата родени во Германија од родители доселени од странство, да смеат да имаат германско и државјанство на земјата од која потекнуваат нивните родители само до нивната 23-та година, а потоа да мора да изберат едно од двете државјанства. Кој ќе го пропушти овој рок автоматски го губи германското државјанство.

Koalitionsvertrag große Koalition CDU SPD 18. Legislaturperiode
Коалицискиот договор за идната влада во ГерманијаФотографија: Reuters

Се разбира има и исклучоци. На децата на родители државјани на некоја од земјите-членки на ЕУ им е дозволено да имаат две државјанства.

Со новиот план сите деца на странски државјани родени во Германија ќе можат да ги задржат двата пасоша, засекогаш.

Меѓутоа имаше силен отпор против двојното државјанство за време на коалициските преговори, особено од страна на ЦДУ и ЦСУ.

Претставниците на двете партии го отфрлија привичното барање на СПД за генерално двојно државјанство за сите странци кои трајно се населиле во Германија, без разлика дали се родени тука или не.

Турската заедница е разочарана

Но, токму тоа предизвикува остри критики кај Турската заедница во Германија. Кенан Колат, претседател на заедницата, изрази голема разочараност од ваквата одлука, и најголем дел од критиките ги насочи кон Социјалдемократите: „За нас е невозможно да го прифатиме ваквиот резултат. Пред да започнат коалициските преговори СПД објави дека во никој случај нема да го потпишат коалицискиот договор ако во него нема одредба за воведување на генерално двојно државјанство. Но тоа не се случи.“

Колат вели дека му е драго за младите луѓе кои ќе имаат полза од новата легислатура, но сепак истакнува дека одлуката претставува голема неправда за Турците во Германија.

Pressekonferenz Türkische Gemeinde Kenan Kolat
Кенан Колат, претседател на Турската заедница во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Пратеникот во Бундестагот од редовите на СПД , Махмуд Оздемир ја отфрла критиката насочена кон неговата партија: „Доколку СПД не застанеше цврсто зад ова барање, темата веднаш ќе беше тргната од дневниот ред. Ова е пристоен резултат за дискусијата која ни од далеку не е завршена“. Ездемир во интервју за ДВ најавува дека СПД ќе продолжи да се залага за генерално двојно државјанство.

Турците важат за популација во Германија која би требало најмногу да профитира од промената во регулативата за двојно државјанство. Со речиси три милиони, тие е најголема доселеничка група во Германија. Мнозинството од нив се родени тука, но само половина имаат германски пасош, бидејќи не сакале да се откажат од турското државјанство за да земат германско.

Ова беше еден од резултатите на студијата презентирана во јули годинава од страна на Центарот за турски студии од Есен. Според студијата повеќе од 80 насто од Турците во Германија сакаат да го задржат своето турско државјанство. Пред сѐ тие стравуваат дека во спротивно би имале проблеми ако некогаш се вратат во Турција.