1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкара: Засега нема амнестија на сексуални злоставувачи

ЕМФ /агенции
22 ноември 2016

Анкара го повлече предлог-законот за сексуални кривични дела. Текстот е на преработка, изјави турскиот премиер Јилдирим. Предлог-законот предизвика големи бранувања во Турција и надвор од неа.

https://p.dw.com/p/2T33T
Protest in Ankara gegen Straferlass für Sexualstraftäter November 19 2016 Ankara Turkey
Фотографија: Imago/ZUMA Press

Турската влада го повлече предлог-законот, кој според критичарите требаше да го легитимира бракот на деца. Наместо тоа, предлог-текстот сега ѝ е доставен на надлежната парламентарна комисија на преработка, соопшти турскиот премиер Бинали Јилдирим.

За предлог-законот, инаку, требаше да се гласа денеска. Според проценките на УНИЦЕФ, законот ќе овозможеше „еден вид амнестија за извршители на сексуални кривични дела“. Според предлогот на исламско-конзервативната партија АКП, казната ќе можеше да се укине доколку сторителот на кривичното дело стапи во брак со жртвата, доколку сексуалното злоставување се случило пред 16 ноември годинава и доколку при сексуално злоставување не било употребено насилство.

Türkei Gesetzentwurf sieht Heirat sexueller Straftäter mit Opfern vor
На протестите против предлог-законот се носеа и плакати на кои пишуваше: „Силувањето е злосторство против човештвото“ и „АКП тргни ги рацете од нашите деца“Фотографија: Getty images/AFP/O. Kose

3000 потенцијални случаи на амнестија

Со законот ќе беа зафатени околу 3000 лица. Во Турција се забранети бракови на лица под 18 години, но може да се направи исклучок доколку за бракот дозвола издаде суд. Турската влада тврди дека со законот ќе се решат правните проблеми во случаите со детските бракови. ОН, наспроти тоа, стравуваат дека ваквиот закон би ја ослабнал борбата против склучување детски бракови и против сексуално злоставување. Борците за женски права критикуваат дека предлог-законот е контрадикторен и практично значи аменстија за сторители на кривични дела.

Намерата на турската влада предизвика натпартиски бранувања. Околу 730.000 луѓе потпишаа онлајн-петиција против законот, а во текот на изминатиот викенд во Истанбул имаше и протести. Дебатата во Турција со внимание се следи и во ЕУ. Некои европски политичари побараа замрзнување на преговорите со Турција за приклучување во Унијата. Причина за ваквите барања, меѓу другото, е и планираното повторно воведување на смртната казна во Турција.