1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и Германија: Уникатно партнерство

Ајхан Шимшек / Кристина Озимец30 октомври 2012

Експанзијата на економските врски, како и растечката соработка во полето на надворешната политика, ги направија Турција и Германија круцијални партнери. Но овој нов период исто така носи нови предизвици за Берлин.

https://p.dw.com/p/16ZQb
Фотографија: dapd

Посетата на Берлин од страна на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган неделава означува почеток на еден нов период во исклучително блиските, но на моменти не лесни врски меѓу Турција и Германија.

Ердоган го отвора комплексот на новата турска амбасада во Берлин, која ќе биде најголема амбасада на оваа земја во светот, симболизирајќи го растечкиот активизам на Турција во меѓународната политика, како и растечкиот интерес за зајакнување на врските и добивање на влијание кај турската дијаспора.

„Оваа зграда е израз на големото значење кое и‘ го придаваме на Германија, како и значењето и вредноста што ги имаат турските граѓани кои живеат овде“, рече турскиот амбасадор во Берлин, Хусеин Авни Карслиоглу.

Турција и Германија имаат блиски односи, поставени врз широка основа, кои се стари неколку векови. Двата НАТО-сојузници имаат развиено уникатно партнерство, кому печат му даваат 2,5 милиони луѓе со турско потекло кои живеат во Германија, повеќето потомци на оние кои пристигнале во земјата како „гастарбајтери“ во 1960-тите. Прашањата и проблемите поврзани со турската дијаспора подолго време доминираа во билатералните врски меѓу Турција и Германија, но во последно време економијата и трговијата, како и блиската соработка во меѓународната политика, станаа детерминирачки фактори во билатералната агенда.

Tayyip Erdogan
Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: picture-alliance/dpa

Економијата на чело

Германија денес е најголемиот трговски партнер на Турција. Билатералната трговија достигна нов рекорд од 31.4 милијарди евра во 2011, и покрај економската и финансиската криза во Европа. Германија исто така е лидер во странските инвестиции во Турција. Бројот на германски компании и турски компании со германски капитал е над 4800. Германија е исто така најголемиот извор за туристички приходи за Турција, со околу 4,8 милиони Германци кои ја посетуваат земјата секоја година.

Турската декада на долгорочен економски бум, кој ја направи земјата 15. најголема економија во светот, неодамна го трансформираше карактерот на економските односи со Германија.

Како резултат на динамичниот развој на Турција, Германија годинава ја укина нејзината 50-годишна програма за помош и развој за таа земја. Сојузното министерство за економска соработка и развој во септември објави дека Турција сега е „еднаков економски партнер“.

Новата надворешна политика на Турција

За многумина аналитичари, успехот на Турција во значајното зголемување на својата трговија со соседните земји и региони во последната декада, во голема мера е поврзан со новата активна надворешна политика. Турската политика на „нула проблеми“ со соседите, како и целите на Анкара да креира економски зони во непосредниот регион, се високо ценети од страна на германските власти.

„Економските бројки се импресивни. Би било тешко да се наведе некоја друга земја која за четири пати ја зголемила својата надворешна трговија, за помалку од десет години“, рече амбасадорот гроф Николаус Ламбсдорф, специјален пратеник на германското Министерство за надворешни работи за ЈИЕ на една меѓународна конференција во Берлин.

„За многу луѓе во земјите од Арапската пролет, Турција е извор на инспирација, ако не и модел“, вели Ламбсдорф, кој додава дека „Турција направила импресивни промени кои ја направија регионален играч и амбициозен партнер на меѓународната сцена“.

Deutsche und türkische Fahne
Германија денес е најголемиот трговски партнер на ТурцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Нерешени разлики

И покрај растечката важност на Турција за Германија и ЕУ, европските лидери се‘ уште не се убедени дека Турција би требало да добие полноправно членство во Унијата.

Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината партија, Христијанско демократската унија (ЦДУ), се едни од најсилните опоненти на полноправното турско членство, наместо кое на Турција и‘ нудат „привилегирано партнерство“.

Заради деценискиот проблем со Кипар и неподготвеноста и на други водечки ЕУ држави, покрај Германија, процесот за влез на Турција во ЕУ е во застој. Недостатокот на напредок значајно го поткопа демократскиот процес во Турција.

Во последниот извештај за човековите права, германското надворешно министерство гледа сериозни недостатоци во Турција на полето на демократските права и слободи. Од неодамна, владата на Турција врши поголем притисок врз медиумите, што за критичарите е политички мотивирано за да се замолчи опозицијата. Повеќе од 100 новинари во земјата остануваат затворени по разни основи.

Алармантна ситуација има и околу курдското прашање. Во борбата против забранетата Курдска работничка партија (ПКК), Турција затвори повеќе од 2000 осомничени, кои се товарат дека се членови на Унијата на Курдски заедници (КЦК), кои наводно се „паралелен државен апарат“ формиран од ПКК.

Штрајк со глад на повеќе од 600 курдски борци во затворите ширум Турција, ја зголемува загриженоста околу политиката на Ердоган за курдското прашање. Но турскиот премиер инсистира на својот воинствен став и неодамна ги обвини европските земји и Германија за опструкција на борбата на Анкара со ПКК.

„Германија не сака решение. Франција не сака решение. Овие земји не ни помагаат. Наместо тоа, тие им дозволуваат на терористичките лидери да живеат на нивна територија“, изјави Ердоган во едно телевизиско интервју минатиот месец.

Минатата година, Ердоган ги обвини и германските политички фондации дека ја поддржуваат ПКК, со тоа предизвикувајќи дипломатски спор меѓу Анкара и Берлин. Сите овие тврдења беа категорично отфрлени од страна на германските власти. Во меѓувреме, овие фондации, кои подолго време работат на демократизација, човекови права и религиозен дијалог, се соочуваат со проблеми во својата работа во Турција.

Ердоган не е лесен партнер

Во последните години, Турција стана поважен партнер за Германија, но и покрај зголеменото ниво на соработка, „новата Турција“ на моменти е тежок партнер за Берлин.

За кризата во Сирија, тврдиот став на Турција против режимот на Асад и нејзиното прифаќање  на повеќе од 100.000 сириски бегалци наиде на пофалби од страна на Германија, но политиката на турската влада полна со садовоерба предизвика и загриженост.

Активната надворешна политика на Турција се рефлектира и преку засилувањето на врските со турската дијаспора. Неодамна основаната Агенција за Турците во странство се бори за правата на Турците кои живеат надвор од земјата и се обидува да ги поддржи во зачувувањето на нивниот културен и верски идентитет. Овие активности од страна на многу Германци се гледаат како обид да се поткопа успешната интеграција на Турците во германското општество.

Двете влади, турската и германската, се согласија околу потребата за интегрирачки политики, но не се согласуваат околу пристапот. Ердоган е отворен критичар на дел од политиката на владата на Меркел. За време на една негова средба со турската заедница во Германија, Ердоган ги повика Турците прво да ги научат своите деца турски а потоа германски. „Да, интегрирајте се во германското општество, но не се асимилирајте. Никој нема право да ни ја одземе културата и нашиот идентитет. Асимилацијата е криминал против човештвото“, изјави тој. Тоа наиде на остри критики од страна на германските политичари, аналитичари и јавноста.

Türkische Frauen beim Einkauf
Околу 1.3 милиони турски граѓани кои живеат во Германија ќе имаат право на глас на следните избори во ТурцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Турска изборна кампања во Германија

Ердоган се очекува да ги повтори своите отворени гледишта за време на посетата во Берлин неделава. Но овој пат тој нема само да се обрати на германската јавност, туку и на турските имигранти, кои ќе имаат шанса за прв пат да гласаат во Германија за изборите во Турција.

Со оглед на тоа што Ердоган се фокусира на целта да стане следниот претседател на Турција во 2014, тој бара најголема можна поддршка, вклучувајќи ја и онаа на турските граѓани кои живеат во Германија. Со неодамнешните законски амандмани во Турција, околу 1.3 милиони турски граѓани кои живеат во Германија ќе имаат право на глас на следните избори, што ја прави Германија четвртата најголема турска изборна единица, по Истанбул, Анкара и Измир.

Обраќањето на Ердоган кон турската заедница, со акцент на следните избори, многумина од германските набљудувачи го интерпретираат како уште еден чекор назад за интеграцијата, бидејќи Турците се фокусираат на политиката во Турција, наместо на политиката во Германија.

Се‘ уште не е јасно како Ердоган и неговата партија ќе ја организираат предизборната кампања во Германија во иднина, но турската политика веќе ги преплави германските улици. За време на посетата на Ердоган на Берлин, денеска и утре (30/31.10), се закажани демонстрации од страна на неговите опоненти.