1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и официјално побара заштита од НАТО

Александар Методијев/ројтерс/дпа/ап21 ноември 2012

Турција денеска поднесе барање во НАТО за распоредување на ракети Патриот на нејзина територија, информира Алијансата. Во образложението се вели дека барањето е поднесено за одбрана од сириски напади.

https://p.dw.com/p/16nhn
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Распоредувањето на ракети ќе ја зголеми способноста на турската противвоздушна одбрана да го заштити населението и турската територија“, рече генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен. „Тоа ќе помогне за деескалација на кризата по должина на југоисточната граница на НАТО“.

Расмусен додаде и дека Алијансата ќе го разгледа барањето „без одложување“. Ваквото објаснување Расмусен го даде во порака објавена на социјалната мрежа Твитер.

Турција го поднесе барањето до НАТО поради загриженоста од развојот на настаните во граѓанската војна во Сирија. Турските власти стравуваат дека конфликтот може да се пренесе преку граница и на турска територија. Од турската влада по поднесувањето на барањето изјавија дека тоа е направено поради „соочувањето со ризикот на постоечката криза во Сирија“.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле рече дека му дал инструкции на германскиот амбасадор во Турција „позитивно да го прими таквото барање“. Вестервеле рече и дека ќе биде сериозна грешка ако се обие одбранбената поддршка на земја-членка на НАТО во момент кога таа се чувствува изложена на напади од надвор.