1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција може да здивне – барем привремено

2 мај 2007

Турската владеачка партија, АКП, поднесе предлог-закон за предвремени парламентарни избори. Тие би требало да се одржат на 24 јуни. Премиерот Реџеп Таип Ердоган на тој начин реагира на анулирањето на првата рунда од претседателските избори од страна на Уставниот суд во земјата. Коментар на Баха Гингер.

https://p.dw.com/p/Adrd
Приврзаници на лаицизмот демонстрираат со голем портрет на „таткото на нацијата„ Кемал Ататурк
Приврзаници на лаицизмот демонстрираат со голем портрет на „таткото на нацијата„ Кемал АтатуркФотографија: AP

Сега е повеќе од јасно дека лаицизмот во Турција се претвори во државна криза. Тешко е сега да се бараат виновните за тоа.

Можеби е виновна партијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган, која не мораше да прави никакви компромиси поради речиси дво- третинското мнозинство во парламентот во Анкара и се однесуваше како да владее во едно-партиски ситем.

Можеби вината е кај социјамдекоратите и другите етаблирани политички партии во Турција, кои со години се поделени и дури скарани меѓу себе и затоа не понудија никаква примамлива алтернатива на конзервативната исламистичка партија на премиерот Ердоган.

А можеби вината лежи врз плеќите на армијата, која во улогата на традиционален чувар на лаицизмот на турската држава, го изненади општеството со заканата со пуч.

Како и да е, одлуката на судиите од Уставниот суд да го сопрат натамошниот избор за претседател и да го отворат патот за предвремени парламентарни избори, во секој случај ќе донесе попуштање на тензиите. Масовните протести на стотици илјади граѓани против изборот на шефот на дипломатијата Абдула Ѓул за иден претседател поради неговото исламистичко минато јасно покажаа оти се заканува фронтален судир на поборниците на острата поделба меѓу државата и религијата, од една, и оние кои се залагаат за натамошно исламизирање на земјата, од друга страна.

Свикувањето предвремени парламентарни избори е нова шанса за демократијата во Турција. Но, експертите предупредуваат дека тоа би можело да биде само одложување на кризата, а не вистинско надминување на опасноста од ескалација. Ако остане високата пречка од цели 10% за влегување во парламентот, можно е владеачката партија на премиерот Ердоган да освои дури и поголем број пратенички места во новиот состав на парламентот. Тогаш ништо повеќе нема да може да му застане на патот на изборот на нејзин кандидат за иден претседател на државата. А исламизирањето на земјата ќе биде неизбежен процес.

Ваквиот развој на настаните може да го спречи само здружувањето на останатите демократски партии од левиот и десниот спектар во Турција. Во спротивно се заканува интервенција на армијата, која ќе добие уште поголема поддршка од силите на лицизмот. Армијата и лаицистите нема многу да се либат од ваквото сценарио, бидејќи стравот од конфронтација со ЕУ стана недоволно важен. Бројот на поборниците на приклучувањето на Турција кон ЕУ ионака опадна во последните две години, бидејќи Европејците дозволија отпорот против Турција да стане тема во нивните изборни кампањи.