1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција ќе го отвори прашањето за Македонија на НАТО самитот?

АМ/миа17 мај 2012

Турција преку претседателот на Големото национално собрание Џемил Чичек уште еднаш ја потврди поддршката за евроатланската ингеграција на Македонија. Грција стравува дека Македонија може да биде тема на НАТО самитот.

https://p.dw.com/p/14x0X
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

„Зачленувањето на Македонија во НАТО има некои пречки. Ја даваме нашата поддршка и ќе продолжиме во тој правец. Ние веруваме дека ова барање за зачленување на Македонија е многу праведно и дека тоа ќе биде придонес кон мирот и стабилноста на балканските простори“, изјави Чичек за време на посетата на Македонија.

Türkisches Parlament - Justizminister Cicek
Претседателот на туркиот парламент Џемил ЧичекФотографија: picture-alliance / dpa

Одговарајќи на новинарско прашање дали Турција ќе го отвори прашањето за Македонија на самитот во Чикаго, тој рече дека претседателите на двете земји ќе бидат таму, ќе се сретнат и ќе го направат тоа што треба.

„Ние сме земја со политичка волја и одлучни во тоа да ги развиваме сестрано односите со Република Македонија“, изјави Чичек.

Во исто време со посетата на Чичек на Македонија грчкиот весник То Вима објави текст во кој тврди дека грчката дипломатија кренала тревога по најавите од Турција и други членки на Алијансата дека ќе извршат притисок во Чикаго, иако прашањето на проширувањето на НАТО и приемот на Македонија не се на агендата на самитот во Чикаго.

Според весникот, причина за загриженост на грчката дипломатија се барањата на Турција на самитот во Чикаго да се дискутира за пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој пресуди дека Грција противправно ставила вето на македонскиот прием во НАТО на самитот во Букурешт во 2008-ма година.

Griechenland Finanzkrise Presse Deutschland Attacke auf Wolfgang Schäuble
То Вима пишува за стравувањата на грчките дипломатиФотографија: dapd

То Вима ги наведува и Словенија, Хрватска, Норвешка и Британија како земји кои ја поддржуваат турската позиција и бараат со приемот на Македонија во НАТО да се засили безбедноста во регионот. Весникот додава дека Турција извршила влијание во Чикаго да се организира посебна средба на четирите земји кандидати: Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија, со 28-те држави членки.

Сепак, То Вима цитира дипломатски извори дека Атина не очекува изненадувања на самитот во Чикаго, особено откако американски претставници и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен потсетија дека приемот на Македонија во НАТО мора да биде со консензус на сите земји членки.