1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсена десната рака на Руперт Мардок

17 јули 2011

Британската полиција ја уапсила Ребека Брукс, поранешната уредничка на весникот „Њуз оф д Ворлд“ и десна рака на медиумскиот магнат Руперт Мардок. Опозицијата бара распарчување на медиумската империја на Мардок

https://p.dw.com/p/11wu6
Ребека БруксФотографија: picture alliance/dpa

Британската полиција ја уапсила Ребека Брукс, поранешна уредничка на згаснатиот весник „Њуз оф д Ворлд“ и прва соработничка на медиумскиот магнат Руперт Мардок, во рамките на истрагата за скандалот со прислушувањето во земјата.

43-годишната Брукс претходно тврдеше дека не знаела ништо за прислушувањето, а во петокот поднесе оставка на чело на корпорацијата „Њуз интернешнл“. Нејзиниот адвокат изјави за агенцијата Ројтерс дека Брукс попладнево самата се јавила во полициска станица на претходно договорен разговор, но одби да ја коментира веста за апсењето.

Милибанд бара ограничување на „империјата“

Лидерот на британската опозиција Ед Милибанд смета дека фактот што едно лице има во свои раце повеќе од 20 проценти од пазарот на весници во Велика Британија, платформата Скај и Скај Њус, е загрижувачки. Тој изјави дека толку многу моќ во рацете на едно лице доведува до злоупотреба. Австралискиот медиумски магнат Руперт Мардок минатата недела го запре издавањето на весникот „Њуз оф д ворлд“, откако на виделина излезе дека новинари од весникот прислушувале говорни телефонски сандачиња на илјадници луѓе, меѓу кои и познати личности и жртви на злосторства. Во меѓувреме, против Мардок е отворена истрага и во САД. ФБИ, според медиумски извештаи, проверува дали вработени во неговиот концерн „Њуз корп.“ прислушувале телефони на жртвите од 11. септември и нивни роднини. Денеска и вчера, со платен оглас во британските весници, Мардок јавно им се извинува на сите кои биле погодени од скандалот со прислушување во весникот „Њуз оф д ворлд.“

Автор: ЕМФ/дв

Редактор: Борис Георгиевски