1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсени четворица странци во Судан

Александар Методијев /афп/ројтерс29 април 2012

Британската амбасада ургентно го истражува случајот на апсењето на еден нејзин граѓанин, кој е меѓу четворицата странци што суданската војска ги зароби во тензичниот регион богат со нафта –Хеглиг.

https://p.dw.com/p/14mey
Фотографија: Reuters

„Ургентно го испитуваме притворањето на британскиот државјанин во Судан“, рече портпаролот на британската амбасада додавјаќи: „Ние веднаш побаравме конзуларен пристап до него“.

Портпаролот на суданската армија Саварми Калед Саад притворените ги идентификуваше како Британец, Норвежанец, Јужноафриканец и Јужносуданец.

„Ние ги уапсивме нив внатре во границите на Судан кога собираа остатоци од воени дејствија за истрага“, рече Саад. Притворените потоа биле донесени во главниот град Картум.

Колега на еден од приведените рече, дека тие биле деминери кои работеле на јужносуданската страната од границата. Еден од притворените беше идентификуван и како вработен во организацијата „Помош од норвешкиот народ“, која спроведувала мисијата во Јужен Судан. Директорот на мисијата рече, дека е невозможнпо да биле на местото на кое тврди суданската армија, дека ги уапсиле, затоа што тие работеле на место оддалечено на 90 минути од Хеглиг. Тој потврди дека четирите лица работеле на деминирање на теренот во моментот кога биле уапсени, а едно од лицата било претставник на ОН.

Армијата во Јужен Судан демантираше дека уапсените лица ги помагале нејзините војници, спротивно на обвинувањаа од официјален Картум.

„Тоа се глупости и лага“, рече портпаролот на јужносуданската војска Филип Агуер додавајќи дека на хуманитарните работници треба да им се дозволи слободно движење.

Јужен Судан се отцепи од Судан во јули минатата година по завршувањето на една од најдолгите граѓански војни во Африка, во која беа убиени околу два милиона луѓе во периодот од 1983-та до 2005-та година. Последните тензии настанаа околу неразјаснети прашања кои вклучуваат обележување на границата, иднината на спорните територии и нафтата. Едномесечните судири, кои почнаа на 20 април со принудување на војниците од Јужен Судан да се повлечат од Хеглиг, ги зголемија стравувањата за можна нова војна.