1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен шефот на ММФ

15 мај 2011

Шефот на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Штрос-Кан, е уапсен и против него е подигнато обвинение за обид за силување и сексуално вознемирување.

https://p.dw.com/p/11GKB
Доминик Штрос-Кан не дава изјава
Доминик Штрос-Кан не дава изјаваФотографија: AP

Доминик Штрос-Кан е уапсен вчера (14.05), во еден авион на њујоршкиот аеродром Џон Ф. Кенеди, непосредно пред да отпатува за Париз. Портпаролот на њујоршката полиција Пол Браун изјави дека според наводите на една собарка во хотелот каде што бил сместен 62-годишниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Штрос-Кан излегол гол од бањата, ја стигнал во ходникот што води кон фоајето и ја повлекол во спалната соба, каде што се обидел да ја силува. Собарката вели дека тој се обидувал да ја заклучи во собата, но таа успеала да се ослободи и да избега. Потоа, поради полесни повреди била примена во болница.

Шефот на ММФ денеска требаше да разговара со германската канцеларка Меркел
Шефот на ММФ денеска требаше да разговара со германската канцеларка МеркелФотографија: picture alliance / dpa

Шефот на ММФ, според полицијата, се обидел најверојатно да избега, со оглед на тоа што го напуштил хотелот оставајќи таму свои лични работи, меѓу кои и мобилниот телефон. Доминик Штрос-Кан отфрла да даде изјава, а неговиот адвокат соопшти дека обвинетиот ќе се изјасни за невин. Штрос-Кан важи за можен кандидат на француските социјалисти за претседателските избори, наредниот април. Тој, инаку, денеска требаше да пристигне во посета на Берлин, на разговори со германската канцеларка Ангела Меркел, а утре во Брисел требаше да биде присутен на средбата на министрите за финансии на земјите од евро-групата. ММФ игра важна улога во европската должничка криза.

Германската влада засега нема коментар околу апсењето на шефот на ММФ. Сите прашања треба да се упатат во канцеларијата на Штрос-Кан во Париз, изјави портпарол на владата во Берлин за агенцијата ДАПД.

Инаку, Доминик Штрос-Кан се најде под притисок уште во 2008 година, поради афера со негова поранешна колешка. Се извини за проблемите што беа предизвикани, но ги отфрлаше обвинувањата за злоупотреба на службената положба. На чело на ММФ Штрос-Кан е од ноември 2007 година. Неговиот мандат завршува во 2012 година.

Автор: ЕМФ/ АТ/ дапд/ афп/ ртр

Редактор: Александра Трајковска