1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убавината прави да се чувствувате сигурни

28 декември 2009

Јавното сообраќајно претпријатие на Њујорк ја спроведува програмата „Arts for transit“ која предвидува поставки на инсталации, фотографии и музика во подземната железница.

https://p.dw.com/p/LAjU
Мозаикот на Елизабет МурејФотографија: Aarni Kuoppamäki

Патувањето почнува на South Ferry. Уште на самиот влез во метрото, патниците ги очекува првото уметничко дело - ограда од челик со гранки и куп листови од дрво го делат влезот од скалите кои водат кон шините. Зад оградата се наоѓаат осветлени силуети од дрвја изработени од бело стакло. На почетокот на 2009 година, метро станицата South Ferry беше реновирана за половина милијарда долари. И бидејќи станицата е јавен објект, во согласнот со законот, еден процент од првите 20 милиони долари беа наменети за уметничко уредување на станицата. „Еден процент е минимален износ, кој прави голема разлика во станицата. Тој еден процент за South Ferry овозможи да се постави оваа инсталација. Таа го менува целиот простор“, вели Ејми Хаусман, вице-директорка на програмата „Arts for transit“ на јавното сообраќајно претпријатие МТА. Претпријатието го распиша конкурсот, а наградата ја добија близнаците Даг и Мајк Старн за нивното дело „See it split, see it change". Нивните дрвја сега ја красат метро станицата South Ferry.

Arts for Transit
Делото „See it change, see it split“Фотографија: Aarni Kuoppamäki

Линијата број еден води кон север кон Times Square. Тука се наоѓа последното јавно дело на американскиот поп-арт уметник Рој Лихтенштајн. На 16 метри површина, жолт воз со голема брзина вози низ футуристички Њујорк. На наредниот агол виси мозаикот на Џек Бил. Пред него, еден блуз музичар се подготвува за неговиот настап.

Во меѓувреме, Роланд Ричардс од островот Тринидад чука на барабан. Ричардс веќе 30 години работи во метрото. На почетокот свиреше самоиницијативно. Денес, тој е еден од 150-те официјални музичари во метрото. За да се квалификува мораше да настапи пред жири. Денес свири пред стотици, можеби илјадници патници. Некои застануваат и слушаат, другите на поминување пуштаат по некоја паричка во куферот од инструментот на Роланд. „Еднаш, во една вечер заработив илјада долари. Но, затоа другпат заработувам само пет долари, се’ зависи од публиката и ситуацијата. Како и кај сите други, има добри и лоши денови.“

Arts for Transit
Џеремаја Локвуд свири еднаш до двапати неделноФотографија: Aarni Kuoppamäki

По некое време и блуз-музичарот Џеремаја Локвуд е подготвен за настап. Тој одржува и концерти, заедно со бенд. Но, на ниту едно друго место не свирел толку долго колку во метрото, 16 години. „Сега тоа е половина од мојот живот, за десет години ќе биде повеќе од половина, а кога ќе починам ќе го сочинува најголемиот дел од мојот живот. Не верувам дека некогаш ќе престанам да свирам во метрото. Во моментов, немам толку време како порано, но метрото за мене е важно место, каде постојано се враќам. Тоа имаше големо влијание и врз мојата музика.“

Arts for Transit
Уметност во метроФотографија: Aarni Kuoppamäki

Со сивата Шатл линија се патува натаму кон централната станица. Железничката станица е архитектонско мајсторско дело. На долниот кат висат т.н. светлосни кутии за фото-уметност. Во нив, првата изложба на 77-годишниот Борис Клапвалд со фотографии од централната железничка станица од 50 години. Во вкупно пет станици има вакви светлечки кутии со различни изложби на фотографии - дополнение на другите уметнички дела. „Идејата е: ако создадеме станици кои се убави, каде се внимава на уредувањето и изградбата, луѓето се чувствуваат посигурни. Тие едноставно се чувствуваат поубаво секојдневно патувајќи со метрото. Тие ја сакаат уметноста што ја гледаат секојдневно.“

Патувањето завршува на Lexington Avenue, на аголот на 59-тата улица. Патот до Централ парк води крај мозаикот на Елизабет Муреј именуван „Blooming". На него стои цитат од поетот Гвендолин Брукс „Цути во бурата и камшикувањето од ветрот.“

Автор: Арни Купомеки / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска