1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиен лидерот на чеченските бунтовници Садулајев

18 јуни 2006

Руските сили за безбедност успеаја да им зададат тежок удар на бунтовничките сили во Чеченија.

https://p.dw.com/p/Ae0n
Парамилитарци на про-руската влада во Чеченија стојат пред телото на убиениот лидер на бунотвниците
Парамилитарци на про-руската влада во Чеченија стојат пред телото на убиениот лидер на бунотвницитеФотографија: AP

Единица на специјалците успеа да му влезе во трагата и да го убие лидерот на бунтовниците Абдулхалим Садулајев. Претставник на проруската влада во Чеченија ја потврди веста дека Садулајев бил убиен во градот Аргун, 30 км источно од главниот град Грозни.

Во март 2005-та Садулајев беше прогасен за официјален наследник на Аслан Масхадов, последниот легално избран претседател на Чеченија. Садулајев имаше 30 години, беше многу радикален и подготвен на насилство. Тој беше и член на исламскиот суд во времето меѓу 1996 и 1999-та година, кога Чеченија беше независна.

Како успеале руските специјалци да му влезат во трагата на таков борец од чеченската герила, тоа се‘ уште не е јасно. Во меѓувреме се проширија само гласини дека наводно го издал човек од неговото најблиско опкружување. Според она што може да се дознае за операцијата, Садулајев пружил отпор, а на местото каде што се криел во градот Аргун имало и други чеченски терористи, кои биле опколени од силите на министерството за внатрешни работи. Садулајев од доаѓањето на челната функција во движењето на отпорот не се појавуваше во јавноста, нити на политичко ниво, ниту пак во борбените дејства.

Во Москва убиството на Садулајев се смета за голема победа и дури решавачки удар против чеченските терористи. Политикологот Сергеј Марков, меѓутоа, е на поинакво мислење. Тој смета дека Садулајев не играл голема улога во движењето, бидејќи не бил директно избран и затоа немал голема поддршка кај чеченското население. Затоа не може да се смета за некаков политички авторитет. Движењето на отпорот ќе може лесно да најде замена за таква фигура, смета политикологот Марков.

Премиерот на актуелната про-руска влада на Чеченија Рамсам Кадиров меѓутоа смета дека со овој успех на специјалците терористите останале без раководство. Кадиров, кој сака да стане следен претседател на Чеченија, располага со своја приватна армија, која веројатно била вклучена во операцијата за убивање на Садулајев.

Независни експерти не веруваат дека ова е тежок удар за чеченските сепаратисти. Се‘ додека е жив и на слобода топ- терористот Шамил Басајев, движењето на отпорот во Чеченија нема да падне во криза. Басајев е одговорен за повеќе спектакуларни грабнувања и напади врз руски цели, како што беше оној во училиштето во градот Беслан. Басајев за ова лето најави и нови терористички акции против Русија.