1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиен шефот на сириската тајна служба

ЖА/дпа/дв/миа20 јули 2012

Сириската телевизија ја потврди смртта на шефот на сириското разузнавање, Хишам Иштијар. Но, режимот во Дамаск ги демантираше гласините за наводни планови за повлекување на сирискиот претседател Асад.

https://p.dw.com/p/15cAG
Фотографија: AP

Шефот на сириските служби за безбедност Хишам Иштијар им подлегна на повредите, со кои се здоби при нападот при една кризна седница во Дамаск. Ова го потврди и државното радио и телевизијата.

При нападот во седиштето на Службата за национална безбедност загинаа сирискиот министер за одбрана Дауд Раџиха, неговиот заменик по безбедносни прашања Асеф Шавкат и помошникот потпретседател генерал Хасан Туркмани.

По ескалацијата на борбите во главниот град режимот на Асад објави дека е воспоставена „целосна контрола“ во една населба на градот, а во другите трупите напредувале. Претставници на опозицијата објавија дека бунтовниците од „тактички причини“ се повлекле пред трупите на Асад. Борците за човекови права кои се во егзил во Лондон објавија дека при вчерашните борби загинале повеќе од 300 лица, што е најкрвавиот ден од почетокот на бунтот.

Официјален Дамаск денеска ги демантираше информациите за претстојно повлекување на сирискиот претседател Башар ал-Асад како целосно неосновани.

Рускиот амбасадор во Париз, Александар Орлов претходно изјави дека сирискиот претседател Башар ал Асад е подготвен да си замине од власт, но само на цивилизиран начин.

„Асад го прифати планот за транзиција, кој го направија светските сили во Женева и именуваше претставник во преговорите со опозицијата. Тоа значи дека прифати да замине, но на цивилизиран начин“, рече Орлов во интервју за радиото Франс Интернасионал.

Тој смета дека заминувањето на Асад е само прашање на време, бидејќи по се‘ што се случило мошне е тешко тој да остане на власт.

Русија денеска ги отфрли крктиките на Западот за нејзиното ставање на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации на резолуцијата за Сирија, со која на сириските власти им се закануваа санкции, доколку не прекинат со насилството врз бунтовниците, но нагласи дека ја поддржува предлог-резолуцијата за Пакистан за безусловното продолжување на набљудувачката мисија за 45 дена.

Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Александар Лукашевич изјави декла предлог резолуцијата, на кои Русија и Кина ставија вето е „апсолутно нереална“ и ги повикаа западните земји да извршат поголем притисок врз сириските бунтовници и да го прекинат судирот.

Заменик-рускиот министер за надворешни работи Генадиј Гатилов изјави дека ќе го поддржи пакистанскиот предлог, бидејќи Русија заедно со пакистанските колеги учествувала во неговото составување.