1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиството на Јелена: Хистерија од низок интензитет

Дарио Хајриќ
27 октомври 2017

Убиството на пејачката Јелена Марјановиќ не се симнува од насловните страници ни по една и пол година. И тоа е сосема „нормално“- бидејќи ваква власт мора да има такви медиумски пандани, пишува социологот Дарио Хајриќ

https://p.dw.com/p/2mb2q
Serbien Boulevardblätter
Фотографија: DW/D. Hajrić

Ne gasi kameru, dapače
Gurni mikrofon bez stida
Snimi majku kako pla
če
Snimi oca kako rida
Daj mi sve u krupnom planu
Svaku suzu isplakanu
Daj mi
švenk na pustu sobu
Onda rez - vijenac na grobu
I to je to, udarna vijest
Gasi to pa idemo jest

Hladno pivo – „Udarna vijest”

Нерешениот случај на убиството на пејачката Јелена Марјановиќ одамна почна да ги брише границите меѓу вистинскиот настан и ријалити емисии. Дисекцијата на приватниот живот на жртвата и на луѓето во нејзина околина, шпекулациите за сторителите кои прераснаа во обвиненија пред подигнувањето на обвинение, недостатокот на скрупули кога се работи за малолетното дете на жртвата и постојаното протекување на детали од истрагата или нивно измислување, станаа секојдневна храна за читателите и една од најсрамните епизоди во историјата на српското (и ексјугословенското) новинарство.
Во нормални околности, убиството е табу, а кон жртвата и нејзината околина се однесуваме сочувствително.

Знаеме дека е неморално, погрешно и општествено неприфатливо да извлекуваме какво било задоволство од тој чин. Сите сме, повеќе или помалку, свесни за тоа, но феноменот на простачкото развлекување на случајот во медиумите опстојува, наметнувајќи цела низа прашања.

Зошто токму ова убиство е дежурна тема? Поради што лешинарскиот пристап кон случајот воопшто има публика? Зошто негодуваме кога весниците ги сецираат жртвите, микроскопски ни го зголемуваат секој дел на нивната интима или едноставно ја измислуваат, а таблоидите и натаму имаат читатели и ги држат истите теми во жижата со месеци, па и години?

Таблоидизацијата на злосторството нѐ отапува така што игра двојна улога. Од една страна имаме нападно згрозување над секој аспект од убиството: затрупани сме со бомбастични, предимензионирани наслови во кои доминираат придавките ШОКАНТНО, СКАНДАЛОЗНО, ДРАМАТИЧНО.

Од друга страна, по декларативната индигнација, ни се нудат изобилство вистински или измислени детали опишани со садистичка прецизност, лишени од пиетет кон жртвата. Овозможено ни е, зад заштитното стакло да го набљудуваме секој аспект на убиството како да се работи за детективска серија. Поттикнати сме да замислуваме до детали, да го реконструираме настанот како филмска сцена. На крајот неминовно се соживуваме до таа мерка, што се проектираме и во улогата на жртва и во улога на злосторник, обидувајќи се да ги реконструираме нивните чувства. Таблоидите го претвораат злосторството во производ, го препакуваат на тој начин што наместо сочувство, предизвикуваат возбуда поради која не мораме да чувствуваме вина. Само се информираме, зарем не?

Dario Hajric Soziologe Aktivist Serbien
Дарио ХајриќФотографија: privat

Дел од јавноста симулира дистанца во однос на таблоидното новинарство така што се згрозува над нив, и тоа е предизвик кој е тешко да се отфрли. Причината што тоа и натаму наоѓа публика лежи во тоа што огромен број луѓе се во состојба да одржуваат т. н. когнитивна дисонанца - истовремено да бидат скептични кон весниците кои ги читаат бидејќи се свесни дека информациите кои ги добиваат се страшно искривоколчени, и да се однесува и натаму како главните тези да се вистинити.

Постојат повеќе причини за таа појава, но доминира тој дека огромно количество информации и тешкотијата сите тие да се филтрираат ги врти читателите кон мејнстрим медиуми во надеж дека она што го чита мнозинството сепак е најсигурно, и дека дури и искривоколчените информации се подобри од отсуство на информации.

Иако е примамливо залетувањето кон таблоидите, сепак е погрешно да се сведе целата појава на препакување на убиството во ријалити само на нив. Медиумите не постојат во вакум, туку претставуваат составен дел на општеството во кое функционираат. Масовниот воајеризам кој активно го поттикнуваат не е појава која ја диктира нивната содржина - токму обратно, содржината е наметната тема која читателот си ја прилагодува кон себе. Отсуството на скрупули не е некаков недостаток на вредносен систем, тоа е нов вредносен систем, посакуван затоа што е истоветен со доминантните техники на владеење.

Згрозувањето над таблоидите, старлетите и ријалитија како симболи на декаденцијата на општеството е погрешно насочено затоа што тие се само манифестен дел на бавниот процес на промената на вредностите. Не е нормално да се има парламент како нашиот и претседател каков што е нашиот (српскиот, н.з.), а да се нема нивен пандан во разноразните задруги и големи шефови. Тоа се само деривати на она што во политичката сфера е норма најмалку седум години.

Секој авторитарен систем - што Србија несомнено е - настојува да создаде посакувана единка. Посакуваниот читател во Србија е во постојана состојба на хистерија од низок интензитет. Од нас се очекува да бидеме константно шокирани, згрозени, згадени. Такви, лесно се вклопуваме во модус на лов на вештерки. Медиумите се тука да ни пренесат кој е дежурната мета, кои се нејзините гревови - вистински или измислени - а нам ни останува да се сместиме во позиција на праведник и да бидеме гневна маса желна за линч.

Некогаш тоа ќе бидат несомнени виновници, како овогодишниот убиец на жени на јавни места, пред очевидци, но некогаш наместо нив ќе ни го подбутнат новинарот на КРИК, Родољуб Шабиќ, или било кој, кој јавно ја доведува во сомнеж способноста на Лидерот да оди по вода и со допир да ги лечи лепрозните. Читателството лесно ќе ги препознае извежбаните улоги и ќе ја одигра онаа која се очекува од него.
Секако, далеку од тоа дека таблоидиотите и нивните партиски координатори имаат некаков голем зол план за обликување на јавното мислење - таа работа кај нас во најголема мерка и натаму се сведува на полуслучајно притискање на копчиња во желба да се добие поволен резултат. Вредностите на политичката класа едноставно течат удолу, како и секоја друга телесна течност.

*Социологот Дарио Хајриќ, 1983, меѓудругите пишува и за порталот akuzativ.com. На Твитер пишува под @romulian.