1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убијците да ги казниме со игнорирање!

Феликс Штајнер / превод: ЗЈ26 јули 2016

Четири крвопролевања за само неколку дена. Експерти предупредуваат на оние кои сакаат да ги копираат злосторниците, а сите ние можеме да дадеме мал придонес за да се намали таа опасност, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/1JVvf
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Колку и да се различни мотивите на сторителите од Вирцбург, преку Минхен и Ројтлинген, до Ансбах, едно им е заедничко: сите се, или беа, екстремно болни нарцисоиди, кои себе си и својот поглед на светот ги сметаа за единствено меродавни. Во претераната егоцентричност тие сметаа дека смеат да решаваат за животот и смртта на други.

На крајот тоа се искажа преку насилство. Во најповолниот случај насилство против самиот себе, во најлошиот брутално насилство против многумина – кои најчесто немаа ама баш никаква врска со сторителот. Едноставно, само имале малер да бидат во погрешно време на погрешно место. Делото, во зависност од неговите белези, се означува како „проширено самоубиство“, „амок“ или како „терористички напад“ – ако тие оставиле збркани политички изјави или самите себе си се обележале како „божји воини“. Но, сето тоа нема никаква разлика за некого, кој стои крај гробот или болничкиот кревет на сакан роднина – како што многу точно опиша сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие.

До бесмртност преку медиумите

Ни медиумите не би требало да прават никаква разлика. Оти, сите тие дела на нарцисоидни типови имаат уште нешто заедничко: тие мотивираат имитатори. Во случајот на перверзниот терор на ИД тие дури и изречно мотивираат на копирање на исти такви дела. Болни души кои сакаат да го постигнат истото со оние кои ги обожуваат како голем пример за углед – да се најдат во фокусот, да станат славни и со некое ужасно дело фактички да станат бесмртни.

Но, ни медиумите ниту публиката не смеат да им ја направат токму таа услуга. Оттука и самокритичкото прашање: Зошто ние постојано го правиме истото? Зошто ги наведуваме нивните имиња? Зошто објавуваме нивни фотографии, кои веднаш од наредната генерација на целосно умоболни ќе бидат обожувани како икони? Затоа што публиката сака да ги види, велат оние од медиумите. Навистина? Не е ли тоа само премногу евтин изговор? Или публиката воопшто и не знае што се предизвикува со таквиот воајеризам? Тогаш би требало да ѝ се објасни тоа – и можеби да се предничи со добар пример за необјавување на имиња и фотографии.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Посебно е болен погледот отпосле врз сопствената новинарска работа минатиот петок: тоа беше петта годишнина на ужасниот масакр на норвешкиот остров Утоја, кога еден десноекстремен лудак сам уби 69 млади луѓе, и во многу медиуми – и во ДВ исто така – ужасното злосторство уште во насловите беше споменато и со името на атентаторот. Тоа всушност оди против неговите жртви: така убиецот останува во сеќавањето и секому му е познато, додека оние што ги убил паѓаат во заборав. И потоа уследи хорор-вечерта од Минхен. Изборот на моментот не е случаен, туку нападот намерно беше изведен на годишнината од Утоја, утврди полицијата во саботата. По таквата информација новинарите всушност би требало да почувствуваат морници.

Новинарите се непоправливи

Но, само ден подоцна стана јасно – не, оваа бранша е непоправлива. На насловната страница на најтиражниот неделен весник во Германија се најде фотографијата на убиецот од Минхен. Разбирливо, веднаш потоа повеќе други медиуми го следеа тој пример. Некои, како ДВ, со заматена слика, при што сосем е нејасно каква информативна вредност има таква заматена фотографија. А и името на младиот убиец веќе се прошири низ светот. Во Германија, које е толку горда на својата заштита на личноста, се наведува само името и првата буква од презимето. Како да сме на ТИ со ужасот.

Сигурно наскоро ќе видиме и фотографии на убиецот со мачета од Ројтлинген и на бомбашот со ранец од Ансбах – имињата веќе можат да се пронајдат во интернет. Но, зошто би требало да ги знаеме? Али или Јусуф, Давид или Кевин? Каква улога игра тоа?

Во поранешните времиња мртвите убијци биле погребувани анонимно, другите злосторници ги оставале да вегетираат во длабоки темни зандани и едноставно ги заборавале. Се разбира, од денешна перспектива тоа е многу нехумано. Но, не помалку нехумано е и убијците да се прават медиумски ѕвезди и со тоа да им се даде дополнителен поттик на оние кои сакаат да го копираат нивното дело. Оти и имитаторите повторно ќе убиваат недолжни луѓе, кои едноставно се нашле во погрешно време на погрешно место. Поради тоа, да ги казниме убијците со целосно игнорирање. Тоа е единственото што вистински ќе ги погоди тие болни нарцисоиди!