1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040411 Medien Türkei

6 април 2011

Во Турција се уапсени десетици новинари, а против илјадници лица се води истрага. Многу меѓународни организации и новинарски здруженија ја критикуваат Турција дека не ја почитува слободата на мислење и на печат.

https://p.dw.com/p/10nrz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Повод за расправата за слободата на мислење и на печат во Турција е апсењето на двајцата истражувачки новинари Недим Шенер и Ахмет Шик. Обвинети се за членство во терористичката организација „Ергенекон“, која наводно планирала уривање на владата на Реџеп Таип Ердоган. Меѓу обвинетите се наоѓаат и високи армиски офицери, новинари, научници и луѓе од културата.

Експертот за Турција на тинк-тенк фондацијата Наука и политика, Гинтер Зојферт, смета:

Ахмет Шик - полицијата се интересира за неговата необјавена книга
Ахмет Шик - полицијата се интересира за неговата необјавена книгаФотографија: AP

„При последните апсења е збунувачки тоа што токму овие новинари порано се обидувале да откријат токму вакви комплоти. Оттука, збунетоста во Турција во моментов е многу голема, збунетост околу тоа како постапката против заговор се претвори и самата во заговор.“

Полицијата се интересира и за се` уште необјавената книга на Ахмет Шик, на која тој работеше пред неговото апсење. Книгата се вика „Армијата на имамот“ и се занимава со тајни мрежи во турската полиција, кои наводно произлегле од приврзаниците на исламскиот проповедник Фетулах Гилен, кој живее во САД.

Полицијата изврши претрес во редакцијата на либералниот дневен весник „Радикал“ и на издавачката куќа „Итаки“, која требаше да ја објави книгата. Извршена е проверка на компјутерите и сите копии се избришани. Но, подоцна, текстот на книгата е објавен на интернет и е раширен преку социјалните мрежи.

Заплашување?

Критичарите велат дека владејачката исламско-конзервативна партија АКП го користи случајот за да ги заплаши опозиционерите. Ентони Милс од реномираниот Меѓународен институт за печат, вели дека постои загриженост оти новинарите се уапсени поради нивната работа:

Недим Шенер, еден од уапсените новинари
Недим Шенер, еден од уапсените новинариФотографија: dapd

„Со оглед на тоа што овој процес на Недим Шенер и другите се води во тајност, сметаме дека е апсолутно важно јасно да се изнесат доказите и причините за сомневања, за да можат да се проверат од страна на новинарите во Турција и од меѓународните набљудувачи, како Европската комисија, ОБСЕ и другите.“

Под закана

Според наводи на Меѓународниот институт за печат, бројот на уапсени новинари во Турција, во меѓувреме, е искачен на најмалку 68. Загриженост поради загрозувањето на слободата на печат искажаа и Европската комисија и Европскиот парламент. Адвокатот Фикрет Илкис, специјалист за медиумско право, вели:

Türkei Medien Medienkonzern Dogan Medya in Istanbul
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Ако се погледнат прописите се гледа дека новинарите работат под закана со кривично гонење. А, основа за прописите треба да биде слободата на мислење и кривичното гонење треба да биде последното средство. Кривичниот закон е така формулиран што новинарите се ограничени во нивната работа.“

По апсењата, стотици новинари излегоа на улица да демонстрираат поддршка за своите колеги. Владата ги отфрла обвинувањата и тврди дека судството е независно и дека политичарите не се мешаат во работата на правосудните органи. Во меѓувреме, поради „Ергенекон“ се обвинети 531 лице, меѓу нив и новинари. Обвинението е “дебело“ 8.032 страници.

Автор: Базак Озај / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска