1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ужаснатост по ново групно силување во Индија

Сандра Петерсман (ард)/Александра Трајковска23 август 2013

Во Индија една фоторепортерка беше силувана од повеќемина мажи. Таа во Мумбај сакала да фотографира ткајачница. Случајот предизвика ужаснатост и потсети на 2012 година, кога една жена почина поради групно силување.

https://p.dw.com/p/19VFv
Фотографија: Reuters

Мумбај, поранешен Бомбај се смета за помирна мега метропола, барем во директна споредба со грубиот и честопати агресивен главен град Њу Делхи. Токму и поради тоа новиот случај за групно силување предизвика далеку повеќе внимание отколку сите други брутални напади врз жени, за кои секојдневно би можело интензивно да се известува.

Една млада девојка е ужасната: „Секогаш самите се фалевме за тоа дека Мумбај е толку безбеден град за жените. Не разбирам што се случува тука. Што им минува на луѓето низ глава кои злоставуваат жени и деца? Дали можеби е поради тоа што градот е пренаселен?“

Сеќавања на силувањето од крајот на 2012

Новиот случај на силување фатално потсетува на бруталното групно силување во автобус во Њу Делхи на 16. декември минатата година. Тогаш жртвата почина по две недели, во болница во Сингапур. Злосторството предизвика негодување во целиот свет, а во Индија се одржаа повеќенеделни протести. Оттогаш нееднаквниот однос меѓу половите во најголемата демократија на светот се дискутира поинтензивно отколку кога и да е порано. Мажите традиционално се полот кој се претпочита - и многумина од нив сметаат дека жените се нивна сопственост.

Indien Fotografin in Mumbai von mehreren Männern vergewaltigt Tatort
Полицијата на местото каде беше силувана фоторепортеркатаФотографија: Reuters

Како што нагласува една политичарка од најголемата опозициона партија БЈП: Во Индија доминирана од мажи владее широко распространета култура на неказнување, иако владата ги заостри законите и полицијата поради јавниот притисок обработува далеку повеќе случаи на силување, отколку што тоа беше случај порано. „Ниту една жена тука не е вистински безбедна. Луѓето немаат страв од законот, бидејќи се извлекуваат“, вели таа.

Индиските дневни весници по силувањето на девојката во декември минатата година секојдневно известуваат за насилство врз жените - и секогаш на насловните страници, кога се осознаваат особено шокантни детали. Или доколку жртвата припаѓа на побогата каста - како што е случај во новиот случај со групно силување во Мумбај.

Жртвата е млада фотоновинарка. Таа е на почетокот на 20-тите години и вчера вечерта беше на терен со колега маж, за да ја фотографира приказната за една пропадната ткајачница. Петмина напаѓачи го претепале нејзиниот придружник за да ја силуваат. Една активистка од Мумбај неможе да го изрази сиот гнев во зборови: „На жените денес им велиме дека треба да излезат од нивните домови. На родителите им велиме да ги пуштат нивните ќерки слободно од куќите. Но кој под вакви околности ќе има храброст за такво нешто? Уште колку долго мораат нашите жени да живеат со овој страв?“

Тешки внатрешни повреди

Двете жртви по злосторството собрале сила и со авторикша отишле во првата болница. Таму лекарите ја алармирале полицијата, која отвори голема потрага. Младата фотоновинарка има тешки внарешни повреди. Но таа и нејзиниот колега беа во состојба да дадат изјава за полицијата. Овој случај е еден од многуте во градот и во земјата. Индиското општество има уште долг пат пред себе.