1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Страдањата на генерацијата „корона -ларва“

Кај-Александер Шолц
5 април 2021

Младоста е многу повеќе од само училиште, образование или студии. Поради тоа многу млади страдаат од последиците од пандемијата. Малку се зборува за ова, а погодена е цела генерација.

https://p.dw.com/p/3qXZZ
Symbolbild Abitur Ball Feier Traditioneller Abiball
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Сексуално експериментирање, екстаза, журки – тоа е шармот на младоста“ , вели Штефан Груневалд од Институтот за истражување на пазарот Рајнголд. Поради корона пандемијата генерацијата од 16 до 19 години ништо од ова не може да доживее – предупредува психологот. 

Советникот за воспитни прашања Улрих Ритер – Закс од Сојузната конференција за воспитни совети, најмногу сочувствува со „фрустрациите на младите дека животот им застанал“.

„Одржувањето на пријателствата е занемарено, нема нови пријателства, а уште помалку нови врски и парови. Прослави за дипломирање, ритуали за преод во групата на возрасни, планови за Work-and-Travel – сето ова пропадна,“ вели тој. 

Многу од овие работи не може да се надоместат, и покрај тоа што возрасните велат „ќе биде следната година". „Јас да имав 16 години, сега ќе бев очаен," вели психологот.  

Среде пандемија: Мадрид – магнет за туристи

„Мораме да функционираме како машини“

„Немам време да размислувам за себе, да бидам среќен. Мора да функционираме како машини,“ пишува еден ученик од Берлин. „Ништо не се случува, само седење на компјутер од шест до 18 часа,“ пишува друг. 

Учениците си ги отворија срцата на дигиталната училишна табла. Што друго им останува во локдаунот? Учење од дома! Училиштето одлучи овие изјави како анонимни да им ги даде на медиумите и еве дел од нив:

„4 до 5 кафиња на ден и навечер не можам да спијам од паника, страв и срцебиење.“

„Сите се на крај на нерви и никој не може да му даде поддршка на другиот (..)Учениците се под толку голем стрес поради што многу повеќе пијат алкохол, пушат или се дрогираат.“ 

„Секако немам време да излезам и да видам некој друг освен моите родители.(...) Професорите ни велат дека движење на свеж воздух е важно за здравјето – ама што да правиме кога ќе излеземе?“

USA Covid-19 | Homeschooling
Онлајн учењето има своја цена за младитеФотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com/H. Rick Bamman

„Генерација корона кожурци"

Поради пандемијата може да се променат ставовите на младите луѓе во однос на животот. Социологијата го познава феноменот дека искуствата во младоста може да влијаат врз целиот живот. На пример генерацијата 1989 ја обележа падот на Берлинскиот ѕид и годините кои потоа ги доживуваше наликуваа на постојана техно забава. Тоа беше одеднаш пресечено со нападите во Њујорк од 11 септември. 

Младината стана посериозна, поуплашена, поповлечена. Институтот Рајнголд за пресвртот го популаризираше називот „Генерација кул” или „генерација Бидермајер”. 

А, денес? Ексклузивно за ДВ институтот смисли збирен поим особено за младите меѓу 16 и 18 години: „Генерација корона кожурци".

„Ларва на прв поглед звучи соодветно и во првиот локдаун многумина тоа така и го доживеаја", објаснува Биргит Лангебартелс, психолог при институтот Рајнголд. Но, фазата ларва им е наметната, а не сопствен избор. Во вториот локдаун на виделина излегла другата страна од таквото битисување: "неизбежно тесно, лепливо без простор за маневар."

Така многу од она што е типичен процес за младината, да речеме како развојот од ларва во пеперутка, не може да се помине: да се оттгрнеш од родителите, да се вљубиш, да почувствуваш граници. „Сето тоа ќе мора да се надомести подоцна, бидејќи не може едноставно да се прескокне", предупредува психологот. „Мора на младите по пандемијата по секоја цена да им оставиме простор за развој."

Печат за цел живот 

Долгорочно можеби ќе им остане реалистичен поглед на животот, вели Лангебартелс. „Ќе им остане во сеќавање дека сакале да излегуваат, но не можеле, дека биле попречувани и оти им е украдена една година од животот." Ако претходно мотото беше се е можно ако само сакам, сега би можело да биде: „Доделено ми е место во животот, некои нешта успеваат, други не."

Повеќе на темата:

Какви последици има пандемијата врз нашите деца?

Се поголем број млади луѓе ја губат битката со Ковид-19

Корона студија: Младите не се неодговорни

Коронавирус: „Непобедливите“ тинејџери не сакаат да седат дома

Не смее да се запостави ни споредбата со фазата пред пандемијата кога младината преку борбата против климатските промени доби огромно значење. „Тогаш ги слушавме, сега во кризата многу малку зборуваме за нашата младина."

Дали младите ни се разболуваат?

„Ние веќе една година им забрануваме речиси се што е составен дел од таа влијателна животна фаза," пишува поранешната сојузна министерка за семејство Кристина Шредер во дневниот весник „Ди Велт". Младината „целосно ја оставаме на цедило”. А, кога младите ќе почнат да зборуваат за тоа дека пропуштаат важни искуства ние само им велиме да не драматизираат. Шредер младите ги опишува како „психички особено ранлива група” и бара поголема емпатија за нив од политиката и општеството. Во четвртиот квартал од 2020 имало рекордни 12,6 проценти повеќе барања за психотерапија, објавија при претставувањето на годишниот лекарски извештај од здравственото осигурување Бармер, кое со девет милиони осигуреници е меѓу најголемите во Германија. Советникот за воспитни прашања Рицер Закс раскажува за друг проблем кој произлегува од разговорите со млади лица. Некои се чувствуваат како да се под постојана контрола, други пак како да се препуштени сами на себе. „Тие седат пред екранот со наставниците како контролна инстанца. Ако на пауза пуштат гласна музика веднаш доаѓа родителот и прашува што прави детето и дали нема видео конференција?'". Од друга страна оние деца кои и пред короната немале големо разбирање во домот и родител кој пружа поддршка сега се целосно сами. „Ако со месеци нема кој да ги види, настануваат потешкотии."

Според анкета на универзитетот Ерфурт, „23 проценти од младите веќе еднаш побарале информации и совети како да го подобрат или одржат своето психичко здравје". Особено омилени меѓу младите се апликации за помош.