1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина без влада и без спорните закони за протести

ЖА/дпа/миа/ртре/афп28 јануари 2014

Претседателот Виктор Јанукович ја прифати оставката на премиерот Микола Азаров. Парламентот ги повлече спорните закони за ограничување на правото на протести. Дали ова е доволно за опозицијата?

https://p.dw.com/p/1Ayb6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Прифатена е оставката на премиерот Микола Азаров, што повлекува и оставка на целата Влада, соопшти попладнево прес-службата на шефот на украинската држава. Азаров денеска поднесе оставка во обид да придонесе за смирување на политичката криза која веќе два месеци ја потресува Украина.

„Конфликтната ситуација во земјата се заканува на економскиот и социјалниот развој на Украина, претставува закана за целото украинско општество и за секој граѓанин“, истакна сега веќе поранешниот премиер.

Според него, за време на кризата, Владата правела се‘ за да биде решен конфликтот по мирен пат. Премиерот и министрите, сепак, ќе останат на функциите се‘ до изборот на нов владин кабинет, што мора да се случи во рок од 60 денови.

Оставката на Азаров уследи откако Јанукович на средба со лидерите на опозицијата премиерската функција му ја понуди на првиот човек на опозициската партија Татковина и поранешен шеф на дипломатијата Арсениј Јаценјук, но тој ја одби понудата.

Украинскиот парламент го укина спорниот закон за протестите

Украинскиот парламент денеска, неколку часа по оставката што ја поднесе премиерот Микола Азаров, на вонредна седница речиси едногласно го поништи спорниот закон, кој опозицијата го доживуваше како репресивен и кој беше иницијална каписла за ескалација на насилствата во главниот град Киев, во кој се регистрирани неколку жртви.

Во контроверзниот законски пакет, кој пратениците на владејачкото мнозинство го усвоија без расправа, откако опозицијата се обиде да ја блокира парламентарната седница, се предвидуваше демонстрантите да бидат задржани во притвор до 15 дена поради учество во недозволени протести или поради носење шлемови или маски и подигнување шаторски населби на јавни простори во текот на протесните собири. Законот стапи на сила ден откако беше објавен во вторникот во украинскиот Службен весник, односно од средата 16-ти јануари на полноќ. Така, блокирањето на приодите на владините објекти, што е една од карактеристиките на уличните протести во Киев кои започнаа на 21-ви ноември, од средата се казнуваше со затворска казна.

Ukraine Parlamentssitzung 28.01.2014 Klitschko
Фотографија: picture-alliance/dpa

Парламентот на вонредната седница посветена на големата криза во земјата ја донесе одлуката за укинување на законскиот пакет за протести со 361 глас „за“, од потребните 226 гласа, и два гласа „против“.

Претседателот Виктор Јанукович веќе претходно се согласи да го повлече спорниот закон како отстапка за опозицијата, меѓутоа на пратениците од неговата владејачка Партија на регионите не им беше наметната партиска дисциплина, туку им беше кажано да гласаат според својата совест, па така до собирањето на гласовите не беше извесно дали ќе биде прифатено повлекување на законите.

Покрај тоа, денеска пратениците без дебата усвоија во пакет четири закони, на место на законите коишто престануваат да важат. Станува збор за промени во Законот за „бесплатна правна помош“, со кој се предвидува одговорност за сквернавењето на споменици, за Законот за одговорност за правдање на злосторствата на фашизмот, како и за Законот за ослободување од даночни обврски за извозниците на природен гас од Украина.

Оставката на премиерот Азарв не претставува победа, но е пат кон победата, изјави денеска еден од опозициските челници, Витали Кличко, кој претходно ја одби понудата на претседателот Јанукович да ја преземе вицепремиерската функција, во владата во којашто премиерската должност му ја понуди на Арсениј Јаценјук.