1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина- бунтовниците умираат млади

Роман Гончаренко
4 септември 2018

Бомбашки напади, заседи, мистериозни болести- милитантните лидери во источна Украина често умираат на насилен и драматичен начин, дури и далеку од линијата на фронтот. Последната смрт отвори многу дилеми

https://p.dw.com/p/34Foi
Ukraine | Separatistenführer Sachartschenko getötet
Фотографија: Reuters/P. Rebrov

Бунтовниците во Украина се уште се опоравуваат од убиството на првиот човек на само-прогласената „Доњецка народна република“, Александер Захарченко, кој беше убиен во експлозија на бомба на 31 август во кафуле во центарот на Доњецк. „Министерот за финансии“ на непризнатиот ентитет и уште еден млад лидер беа повредени во нападот. Бунтовниците тврдат дека по нападот уапсиле „украински оперативци“.
Но, 42-годишниот Захарченко е само последниот во целата низа бунтовнички команданти кои загинаа во драматични околности. Уште еден лидер од Доњецк, Владимир Макович, кусо беше потпретседател на бунтовничкиот парламент до 2014, а потоа се повлече во позадината на администрацијата. Почина во 2017 година, а официјалната причина е тумор на мозок. Имаше 54 години.

Убиен во заседа

Само неколку месеци пред смртта на Макович, командирот на баталјон Михаил Толстих беше убиен откако некој случајно истрелал ракета врз неговата канцеларија во близина на Доњецк. Тој имаше 36 години.
Во 2016, еден од највисоките лидери на милитантите Арсен Павлов познат и под прекарот „Моторола“ беше убиен од бомба поставена во лифтот на неговата станбена зграда. Рускиот милитант имаше 33 години и беше командант на ткн. баталјон „Спарта“. Бунтовниците и за ова убиство ги обвинија „украинските оперативци“. Киев демантираше било каква поврзаност и прстот го насочи кон Москва, опишувајќи ги ваквите напади како „чистки“ спонзорирани од Русија.
Севкупно, десетици високо позиционирани милитанти беа убиени во последните три години. Други се соочија со неочекувани болести. Првиот лидер на „Народната република Луханск“, Валери Болотов, 46, почина на почетокот на 2017 во стан во Москва. Причина за смрта било откажување на срцето, но некои медиуми шпекулираа дека политичарот бил отруен. Болотов ја напушти функцијата во Луханск уште во август 2014 година и оттогаш живееше далеку од очите на јавноста, се до смртта.
Блискиот соработник на Болотов, Генадиј Ципалков, 43, наводно изврши самоубиство во 2016 додека беше во притвор. Против него се водела истрага за наводен обид за пуч. Смртта на Ципалков повторно ги разгоре сомнежите дека и овој некогашен премиер на Луханск, бил убиен.

Ukraine Donezk Arseni Pawlow Rebellenführer
Бунтовничкиот командант Арсен Павлов имаше 33 години кога беше убиен со бомбаФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Lovetsky

Меѓусебни обвинувања

Нападот и убиството на Захарченко повторо распали спирала на меѓусебни обвинувања меѓу Киев и Москва. Русија брзо соопшти дека „има причини да верува“ оти зад нападот стои Украина. Ова беше поддржано и од бунтовниците, кои се повикуваа на изјави на осомничени за нападот.
Од друга страна, украинската безбедносна служба СБУ излезе со две теории за убиството на Захарченко: според првата Захарченко бил убиен во пресметка за превласт меѓу воените господари, а според втората- бил отстранет од руски агенти откако ја загубил поддршката на Москва.
Захарченко најверојатно нема да биде последниот бунтовнички лидер кој го загубил животот на овој начин. Војната во Украина досега однесе повеќе од 10 илјади животи.