1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Денот кога сѐ може да биде одлучено

Роман Гончаренко / Елизабета М. Фиданоска28 јануари 2014

Една недела по избивањето на насилните протести во Киев, украинскиот парламент на вонредна седница денеска (28.01) би можел да преземе чекори за мирно завршување на кризата. Многу надеж, меѓутоа, нема.

https://p.dw.com/p/1AyBx
Фотографија: Reuters

„Синко, имаш ли мајка? Те молам мисли на нејзе, оди дома.“ Пристара жена во сив мантил и со шарена волнена капа му зборува на полицаец. Тој е крупен маж на околу 40-годишна возраст, во црна униформа, офицер. Ја слуша жената учтиво, но не одговара.

Вакви сцени имаше насекаде во владиниот кварт во Киев во текот на вчерашниот ден. Делот од градот кој има само неколку квaдратни километри деновиве наликува на тврдина. Илјадници полицајци се на улиците или се топлат во автобусите. Минувачите се обидуваат постојано да ги атераат да сe предадат. „Вие мора да го заштитувате народот, а не злосторничкиот режим“, им вели човек на петмина полицајци кои се исправени во армиски камион. „Ти ли си народот?“, му возвраќа полицаец, чие лице е покриено со маска. „Заминувај одовде!“

Во владиниот кварт денеска (28.01) би можело да се реши дали политичката криза во Украина ќе заврши мирно или се заканува ново крвопролевање. Парламентот на вонредна седница треба да дебатира за барањата на демонстрантите.

Судир е програмиран

Веќе кај првата точка од дневниот ред се заканува судир. Опозицијата бара анулирање на, од нејзин аспект, „диктаторските закони“ донесени на 16 јануари годинава. Тие значително ги ограничуваат правата на демонстрирање. Оној што учествува во протести, ќе биде казнет, кој се маскира исто така ќе биде казнет. Казните се движат од парични до 15 години затвор.

Ukraine Präsident Janukowitsch Treffen mit Führern der Opposition 27.01.2014
Опозиционите лидери на средба со претседателот Јанукович (27.01.2014)Фотографија: Reuters

Со ваквите закони се криминализираат десетиците илјади демонстранти кои со недели демонстрираат против претседателот Јанукович и неговата влада. Повод за протестите беше промената на надворешнополитичкиот курс на шефот на државата, кој одби да го потпиша договорот за асоцијација со ЕУ. Наместо тоа, Јанукович стреми кон приближување до Москва. Меѓутоа, на протестите тоа веќе не игра главна улога. Најголемиот дел од демонстрантите сакаат внатрешнополитички промени и повеќе демократија.

На седницата ќе се покаже дали претседателот е подготвен да ги укине контроверзните закони, или ќе настојува само на нивна измена.

И кај другите работи ѓаволот се крие во деталите. Претседателот се согласи да отстапи дел од своите овластувања во полза на парламентот, но кога и како ќе биде променет уставот, останува отворено. Опозицијата бара веднаш да биде донесена одлука.

Освен тоа, парламентот треба да дебатира и за амнестија на сите уечсници на протестите. Во тој дел Јанукович нема задршки. Меѓутоа, неговиот услов е демонстрантите да се повлечат од центарот на Киев и окупираните објекти. Опозицијата тоа не го исклучува, но прво сака да сочека да бидат преземени конкретни чекори од страна на власта.

Конечно, денеска треба да се разгвоара и за предвремени парламентарни и претседателски избори. Тоа е клучното барање на демонстрантите. Претседателот тоа досега го одбиваше. Наместо тоа, тој на опозицијата и‘ предложи да го преземе раководењето со владата.

Ukraine Demonstranten besetzen Justizministerium in Kiew
Во текот на вчерашниот ден беа окупирани уште неколку објекти во КиевФотографија: Getty Images

Лидерите на опозицијата не се согласуваат со такво нешто, затоа што со тоа не би се согласиле ниту мнозинството демонстранти. Тоа стана јасно при еден настап на опозиционите лидери на плоштадот на независноста, Мајдан. Арсениј Јацењук беше исвиркан од демонстрантите кога рече дека опозицијата е подготвена да ја преземе одговорноста. Нему Јанукович му го понуди местото на премиер.

На демонстрантите им се заканува расцеп

Агендата на парламентарната седница е толку комплексна, што таа може да трае со денови, сѐ додека не биде донесена одлука за сите точки. Опозиционите лидери во заедничка изјава искажаа подготвеност за натамошни преговори. Но не сите од нив сакаат да чекаат. Доколку на 28 јануари не биде донесена некаква конкретна одлука, протестите ќе се одржуваат во близина на парламентот, се закани поранешниот министер за внатрешни работи Јуриј Луценко, кој важи за приврзаник на опцијата - напад на владиниот кварт.

Ukraine Ausschreitungen in Kiew 25. Januar 2014
Насилство не е исклученоФотографија: picture-alliance/dpa

Во меѓувреме станува сѐ појасно дека опозиционите лидери немаат контрола над дел од демонстрантите. Тие се дистанцираа од оние кои вчера окупираа министерства во Киев. Тоа, како што беше оценето, се „провокатори“. Повеќе работи зборуваат во прилог на тоа дека работите може да излезат од контрола. Радикалните демонстранти на улицата Хрушевски се подготвени на натамошна ескалација. Доколку не биде исполнето нивното главно барање за оставка на претседателот, тие и натаму ќе се борат. На улиците на Киев речиси секој час се креваат нови барикади.