1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина разлутена на Германија: Ова (не) е „Студена војна“

Стефан Лак/ Жана Ацеска1 мај 2012

Украина е разлутена од најавите на германски политичари за бојкот на Европското фудбалско првенство поради случајот Тимошенко. Украинците предупредуваат од методи како во време на „Студената војна“.

https://p.dw.com/p/14nQr
Фотографија: Reuters

Олег Волошин, портпарол на украинското министерство за надворешни работи прво не сакаше да верува во извештаите за бојкот на германските политичари на Европското првенство во фудбал што ќе се одржи во јуни во Украина. Но, потоа го изли незадоволството: политичкиот бојкот на Евро 2012 во знак на протест против односот на неговата земја кон лидерката на опозицијата Јулија Тимошенко е враќање во време на „Студената војна“. Германските политичари се обидуваат од спортот да направат заложник на политиката, се вели во Киев. Таму уште вчера се истури критика на сметка на германската канцеларка Ангела Меркел. Залагањето на германската влада за лекарски третман на Тимошенко во Германија не е ништо друго освен недозволено мешање во внатрешните работи на земјата. Госпоѓа Меркел веројатно заборавила дека е на чело на Германија, а не на Украина, порача партијата на украинскиот претседател Виктор Јанукович.

За политикологот Вадим Карасјов од Киев е јасно, дека украинскиот претседател Јанукович е заглавен во ќорсокак. Да ја помилува Тимошенко, би било исклучително неповолно, таа и од затвор му приредува доволно тешкотии: „Јанукович стравува дека Тимошенко ќе биде топло пречекана од сите шефови на држави во Европа. Да ја чува во затвор пак значи натамошно фокусирање на јавниот интерес врз неа. Но, замислете си утре Тимошенко да се сретне со Меркел или Саркози, таа е политичар од светски ранг, ќе се сртене можеби и со Путин и со Обама, тоа ќе ја направи очевидна апсолутната изолација на Јанукович“.

Bundeskanzlerin Angela Merkel beim Jugendintegrationsgipfel 16.04.2012
Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Но, и без тоа меѓународниот притисок врз Јанукович расте. Претседателите на Австрија, Словенија и Чешка ги откажаа планираните посети на Украина. Рускиот претседател Дмитри Медведев затворањето на Тимошенко го означи како целосно неприфатливо. Во политиката се дозволени сите средства, но не се оправдува ставањето во затвор на директните политички конкуренти по политички процеси.

На прашањето дали Јанукович е тотално имун на критиката од странство, политикологот Карасјов вели: „Кратко речено-тој се плаши од критиката од странство, но уште повеќе од Тимошенко, а најмногу од губење на власта. Во принцип, Јанукович не стравува од бојкот на Евро 2012 поради Тимошенко. Јасно е дека нема да се дозволи неодржување на првенството, за бојкот требаше да се размислува порано“.

Euro 2012 Stadion Kiew
Стадионот во КиевФотографија: picture alliance/dpa

За Јанукович најважна цел е победа на неговата партија на парламентарните избори во октомври. Според аналитичарите, тој прави се‘ за да ја спречи најопасната ривалка Тимошенко да учествува на изборите.