1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Војната зароби украински иселеници во татковината

Есиф Амиен
13 јуни 2022

Украинци, мажи кои живеат и работат во странство а се затекнале во посета на Украина кога почна војната сега не можат да излезат од земјата. Им недостасува фамозен печат кој не може да го добијат. ДВ ги истражи случаите.

https://p.dw.com/p/4C2QC
Андреј се збогува од сопругата на автобуската станица во Лавов
Андреј се збогува од сопругата на автобуската станица во ЛавовФотографија: Amien Essif/DW

Андреј живее во странство повеќе од една деценија. Дошол во Украина кон средината на февруари на погреб на татко му. Требало да остане неколку дена а потоа да се врати во Мајами каде што живее.

Но, кога Русија ја нападна Украина, Киев им забрани на мажите меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата. Андреј така остана заглавен со еден куфер полн со зимска облека. Сопругата се вратила во САД, а мајка му и сестра му пребегале во Летонија. Андреј затоа е очаен и се обидува на сите начини да се врати на Флорида кај жена му и на работа - да му се врати на нормалниот живот.

Ова звучи како лоша среќа, но Андреј не е единствениот со ваков проблем. И Виталиј, медицински техничар кој работи во Чешка исто така остана заглавен во Украина додека бил во посета на родителите. Вито кој е вработен во музеј во Обединетите Арапски Емирати, сега остана без приходи за семејството бидејќи не може да ја напушти Украина.

ДВ разговараше со осуммина кои се во слична ситуација, а поголемиот дел од нив не замолија да останат анонимни за да не трпат последици.

Андреј чека такси на централната автобуска станица во Лавов
Андреј чека такси на централната автобуска станица во ЛавовФотографија: Amien Essif/DW

Недостасува еден печат

Некои од нив продолжиле да работат онлајн, но повеќето од нив се одвоени од семејствата. Сите велат дека забраната за напуштање на Украина им го нарушила животот, а дел западнале во сиромаштија.

„Не можам да разберам зошто властите донесоа ваква одлука,“ вели Андреј. „Веројатно не сакаат да се занимаваат со нас бидејќи ние сме само неколку илјади.“

На социјалната мрежа Телеграм тој покренал специјална група за да се поврзе со сите кои имаат сличен проблем. За сега групата има 130 члена, но се смета дека тој број е далеку поголем.

Овие луѓе буквално почувствуваа што е „бирократска квака 22“. Имено, на Украинците кои имаат регулиран престој надвор од Украина, официјално не им е забрането да заминат од земјата. Но, како доказ не се признава дозволата за престој од другите земји. Потребен им е посебен печат во пасошот дека не живеат во Украина, а таков печат во воениот хаос не може да го добијат. Овој печат пред војната не бил ни задолжителен и практично не служел за ништо.

„Теоретски смееме да одиме дома, но во пракса не можеме“ вели Микола, научник кој работи во Германија. По притисокот преку Фејсбук, граничната полиција потврди дека на овие луѓе им треба печат во пасошот. „Ако живеат во странство, но не го пријавиле заминувањето според официјалната процедура, за жал не можат да ја напуштат Украина.

Телеграм групата на Андреј за контактирање со украинските иселеници, кои се нашле во иста ситуација како и тој
Телеграм групата на Андреј за контактирање со украинските иселеници, кои се нашле во иста ситуација како и тојФотографија: Amien Essif/DW

Невозможна мисија

Сега, за да го добијат печатот, овие луѓе прво треба да добијат дозвола од Канцеларијата за миграција, да се отпишат од локалниот регистар на регрути и да ја одјават адресата во Украина. Дури и пред руската агресија, таквата постапка траеше три месеци. Денес тоа е невозможно - дури и на западот на земјата, каде што нема руски напади. Голем дел од административните канцеларии се затворени. „Тоа е како невозможна мисија“, вели Микола.

Повеќе: Војна во Украина: Најголем бегалски бран во Европа од 1945 година

Во канцеларијата во киевската област каде е регистриран Андреј, за ДВ ни потврдија дека во моментов не може да му ја издадат потребната документација бидејќи немаат пристап до датотеките. Се проценува дека од околу шест милиони Украинци кои живеат во странство, само неколку стотина илјади пред војната ја поминале оваа процедура и го добиле фамозниот печат.

„Тие не се патриоти“

Олександар Диубанов, менаџер во една германска фабрика за производство на пластика во Летонија вели дека веќе западнал во депресија. Сакал да дојде накратко до Киев да земе пасош за новородениот син, а сега веќе три месеци не си го видел семејството. Од фабриката во Летонија за ДВ велат дека се обидувале да интервенираат во амбасадата, но безуспешно.

Назад во војна: Украинците се враќаат дома

Луѓето со кои разговараше ДВ велат дека дополнителен проблем е и стигматизацијата на сите овие мажи кои сакаат да ја напуштат земјата. Военото право е продолжено на уште шест месеци. Иако не мора сите да одат да се борат тие и понатаму не може да ја напуштат Украина.

„Велат срам да им е, тоа не се патриоти. Но ние само сакаме да работиме и да си ги храниме семејствата,“ вели Андреј. Вели дека дел од заработката ја донира за помош на украинските волонтери и војската. Но би сакал конечно да си замине дома на Флорида и да си ја види сопругата. „Разочаран сум од Зеленски и лут сум и на власта,“ вели тој. Разбира дека има поважни работи во моментов од неговиот случај, но смета дека не бара многу – едноставно само сака да си оди дома.