1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ултиматумот за Катар продолжен за 48 часа

ЖА
3 јули 2017

Соседите на Катар го продолжија рокот поставен за исполнување на барањата. Германскиот министер Габриел ќе посредува

https://p.dw.com/p/2foAP
Katar - Doha Skyline
Фотографија: Imago

Саудиска Арабија, Египет, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати на 5. јуни ги прекинаа дипломатските односи со Катар, воведувајќи сообраќајна и трговска блокада, поради, како што истакнуваат, катарската поддршка на тероризмот, давајќи му рок до вчера на полноќ да исполни листа со 13 ултимативни барања. Овој ултиматум сега е продолжен за уште 48 часа.

Катар претходно за денеска најави официјална реакција на барањата на своите противници.

Саудиска Арабија и останатите арапски држави бараат Доха да не ги интензивира односите со Иран, да ја затвори влијателната телевизија Ал Џазира, како и турската воена база во Катар. Катарскиот министер за надворешни работи шеикот Мохамед ал-Тани, уште во саботата индиректно ги отфрли арапските барања, обвинувајќи ја Саудиска Арабија и нејзините сојузници за свесно поставување услови кои е невозможно да бидат исполнети. Саудискиот министер за култура Авад Ал-Авад во меѓувреме ги потврди обвинувањата против емиратот, истакнувајќи дека 12 најголеми исламистички екстремисти имале директна врска со Катар. Од неодамна во Саудиска Арабија дејствува екстремистичка организација под името Исламско движење, финансирано од Катар, изјави Ал-Авад, според кого неговата земја и натаму ќе води политика на нулта толеранција кон исламистичкиот екстремизам. Катар финансира екстремистички исламисти во Саудиска Арабија и во Сирија, го поддржува ширењето на политичкиот ислам и „поседува огромен его-проблем: сите докази упатуваат дека Катар го купил Светското фудбалско првенство во 2022. година,“ рече Ал-Авад.

China Außenminister Sigmar Gabriel
Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел во посета на неколку држави во ЗаливотФотографија: Getty Images/L. Zhang

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел, пред неговата посета на регионот на Персискиот Залив изјави: „Со недели братските и соседски држави на Арапскиот Полуостров се во загрижувачка конфронтација, загрижен сум дека недовербата и неединството крајно ќе доведат до слабеење на сите поединечно и на целиот регион како целина.“

Габриел јасно стави до знаење дека Германија не поддржува нидена од страните, но „конфликтот во Заливот не води само кон раскол на тамошните држави, туку нѐ засега сите нас и нашите интереси“, што важи и за борбата против Исламска држава, но за стабилноста во регионот потресуван од кризи, тензии и војна. Габриел ги поддржува посредничките напори на Кувајт. „Она што сега ни е потребно, е сериозен дијалог меѓу засегнатите заради наоѓање конструктивни решенија“, во што сите мора да придонесат, истакнува Габриел.