1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уметниците на удар во Унгарија

Јуриј Решето / Зоран Јордановски25 август 2012

Откако со земјата управуваат премиерот Виктор Орбан и неговата десноконзервативна влада, уметничката слобода е ограничена, критиката задушена. Уметниците наидуваат на се’ поголем отпор.

https://p.dw.com/p/15oMY

Театарска проба во Будимпешта, напосредно пред премиерата на делото „Царска ТВ Унгарија“ на режисерот Бела Пинтер.

Театарската група на Пинтер прави пародија на унгарската историја. Национални јунаци и митови се беспоштедно демонтирани. Провокација.

Театарот е омилен, претставите се распродадени. Но, критички настроените уметници се под голем притисок, оти надлежните за културата со свои методи сакаат да ги дисциплинираат.

„Нашата ситуација е тешка. Помошта од државата е преполовена во последните две години. Еден ден властите ќе дојдат и ќе кажат ’отсега веќе воопшто ништо не добивате‘. Ова што го прикажуваме не и’ се допаѓа на владата, па еден ден може сосем да ни ја затвори славината. Тоа ќе биде крај за нас“, вели режисерот Бела Пинтер.

Откако со земјата управуваат премиерот Виктор Орбан и неговата десноконзервативна влада, уметничката слобода е ограничена, критиката задушена, оние што мислат поинаку се шиканирани, уличните протести ингорирани. Уметниците наидуваат на се’ поголем отпор.

Sehnsucht nach Europa Ungarn
Доротја Каршај и музичкиот продуцент Петер Бакош во кафуле во БудимпештаФотографија: DW

Активистката Доротја Каршај, музичарка, се бори за слобода на свој начин. Таа е олицетворение на протестот во Унгарија, се инсценира самата себе си - на интернет, во видео:

Не ми се допаѓа што овде секој ден е пуст, не само неделите.

Не ми се допаѓа што тие прават глупави грешки во мое име.

Не ми се допаѓа, не ми се допаѓа, не ми се допаѓа системот.

Видеото на интернет во меѓувреме има 900 илјади кликови. Каршај сака да постигне еден милион. Владата не може да игнорира еден милион незадоволни, аргументира активистката, и притоа многу ризикува.

„Ние сме на удар на деснорадикалните. Изложени сме на нивните напади во интернет. Тие не‘ набљудуваат, а лошо е што владата не презема ништо. Наместо тоа, во парламентот постојано можат да се слушнат сексистички, хомофобни, ксенофобни и расистички изреки и нема политичка сила што ќе даде решителен отпор“.

И театарскиот режисер Јулиjа Баршоњ имаше проблеми. Нејзината група Хармадикханг мораше да престане со работа, оти реонските власти не и’ го продолжија договорот за закуп. Образложено беше дека уметноста на Баршоњ е ретроградна западна култура, која нема што да бара во Унгарија. Сега таа се обидува на покривот од една стоковна куќа да изгради алтернативен културен центар, без каква било помош.

Sehnsucht nach Europa Ungarn
Јулија БаршоњФотографија: DW

„Толку сум тажна, оти се’ во што ја вложив мојата енергија, еден ден беше уништено. За да не ни го продолжат договрот, тие се повикаа на проѕирни приговори - противпожарна заштита и контрола на прехранбените средства. Потоа постапуваа како вопшто веќе и да не постоиме и не‘ оставија на улица. Без збор и без одговори“, се жали Јулиjа Баршоњ.

Иновативниот театар на Баршоњ не им е погоден на властите. Баршоњ посакува уметничка слобода како на Западот:

„Копнеам за слобода, за слободна европска Унгарија во која нам, на уметниците, нема да ни бидат ’врзани и раце и нозе‘. Кога влеговме во ЕУ, прво си помислив дека одиме напред, ќе успееме, ќе ги преземеме европските вредности. Но, нашата демократија и натаму е на почетокот. Би сакала тоа да се промени и кога и да е да живееме во слободна земја што ќе не воодушевува“.

Не ми се допаѓа што во мојата земја се чувствувам се’ попосрано,

Не ми се допаѓа што сите мои пријатели и роднини сакаат да си одат одовде.

Не ми се допаѓа што никој не се чувствува убаво и сите имаат страв.

Не ми се допаѓа што сиромашните мораат да платат за се’.

Не ми се допаѓа системот, се вели во видеото на уметниците на интернет.

За овие уметници не е алтернатива да се напушти земјата. Тие даваат отпор со уметнички средства, сакаат да ја променат својата земја и да не дозволат да бидат замолчени.