1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

201211 Ungarn Demokratie

22 декември 2011

Единствената опозициска радио станица во Унгарија мора да запре со работа следната година. Фрекфенцијата на „Клуб радио“ е доделена на досега непозната радиостаница. Владата трпи критики за односот кон медиумите.

https://p.dw.com/p/13XMk
Демонстрации за слобода на медиумитеФотографија: picture-alliance/dpa

Советот за медиуми, кој е под целосна контрола на владејачката партија, ги одреди условите за доделување на концесијата на начин што програмата на опозициското радио немаше шанса да ги исполни.

Владата на премиерот Виктор Орбан е под постојани критики за нејзината политика кон медиумите. Во земјата и странство со големо внимание се гледа на рестриктивниот закон за медиуми, како и на обидот да се ограничи независноста на Унгарската централна банка.

Viktor Orban
Премиерот Виктор Орбан владее со двотретинско мнозинство во парламентотФотографија: AP

Претседателот на унгарската влада Виктор Орбан владее со двотретинско мнозинство. Може да ги менува законите и да донесува измени во Уставот без многу да води сметка за мислењето на опозицијата или политичките партии. Марко Шикер, главен уредник на весникот на германски јазик за Унгарија и Источна Европа, „Пештер Лоид“, оценува дека тоа е обид со средствата на демократското мнозинство постепено да се поткопува демократијата.

Нов устав

Жестоко критикуваниот закон за медиуми, чии неколку пасуси од страна на унгарскиот Уставен суд беа прогласени за противуставни, е дел од новиот Устав. Според оценките на Марко Шикер, тој служи за обезбедување на власта на шефот на владата и неговата конзервативна коалиција. На народот тој тоа му го продава како „национал-конзервативна револуција“, која радикално се пресметува со грешките на претходната влада.

Marco Schicker
Марко Шикер: пресметките со претходната влада се продаваат како „национал-конзервативна револуција“Фотографија: Marco Schicker

Анализата на грешките од минатото е точна, но заклучоците не ја водат Унгарија во подобра иднина, вели Шикер. Новиот Устав ја претвора Унгарија во држава на подредени, која потсетува на мрачниот 19-ти век. Законот за работа губи смисол, правата на синдикатите се намалени, а правата на работниците за заедничко одлучување се ограничени. Шефот на владата Виктор Орбан владее со земјата со диктаторски средства и малку води сметка за реалната состојба.

Независноста на Унгарската централна банка во опасност

Унгарија се наоѓа во тешка фаза на економски пресврт, предизвикан со пристапувањето во ЕУ и со поврзаниот процес на прилагодување. Земјата зависи од помошта на ЕУ и ММФ. Двете институции и во минатото помагаа и се’ уште се подготвени да пружат помош.

OSZE kritisiert Mediengesetz in Ungarn
Загриженост за однесувањето на унгарската влада кон медиумите и Централната банкаФотографија: picture alliance/dpa

Една делегација во минатите недели престојуваше во земјата за да ги испита предусловите за одобрување на потребните средства. Во истиот момент владата во Будимпешта најави дека ќе се ограничи независноста на Унгарската централна банка, бидејќи ќе ја спои со една државна институција за регулирање на финансиите. На реакција не се чекаше долго време. Делегацијата на ЕУ веднаш ги спакува куферите и ги замрзна преговорите за исплатата на помошта. Вредноста на унгарската валута веднаш падна, а шефот на Централната банка, Андрас Симор, изрази загриженост дека „владата би можела во целост да ја преземе власта во банката“.

Вртење кон десно

Сето тоа, според оценките на Марко Шикер, е дел од свртувањето кон десно, чија жртва би можела да биде демократијата. Судејќи според се’, еден дел од европската десница со одобрување набљудува што се случува во Унгарија.

Marco Schicker
Шикер смета дека излегувањето од ЕУ нема да му донесе ништо на премиерот ОрбанФотографија: Marco Schicker

Многу одлуки што ги донесе владата противречат на европските норми и закони. Тоа важи како за неограничената слобода на печатот, која во Унгарија е доведена под знак прашање, така и за правата на вработените или слободата на синдикатот. Овие права се на сила во ЕУ и сите нејзини членки мораат да ги внесат во Уставот.

Со оглед на кршењето на основните европски начела, Марко Шикер ја повикува ЕУ да бара од унгарската влада почитување на овие начела. Тој ја отфрла претпоставката на левичарскиот весник „Непсава“ дека шефот на владата Виктор Орбан „има намера да се оддалечи од Унијата и на крајот да ја напушти“. Излегувањето од ЕУ на шефот на владата нема да му донесе ништо, смета Шикер и додава дека би било подобро ЕУ да ја санкционира унгарската влада и на тој начин да и‘ го врати умот.

Автор: Атијаш фон Хелфелд / Александар Методијев

Редактор: Ж.Ацеска