1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Универзитетот во Приштина и натаму без јужнословенски јазици

Рефки Алија / Елизабета Милошевска Фиданоска29 јули 2012

На Универзитетот во Приштина и оваа година нема да има студии по српски, хрватски, босанки, македонски или некој друг јужнословенски јазик.Одговорните тврдат дека интересот за славистика е премал.

https://p.dw.com/p/15fEs
Фотографија: Mimoza Cika Kelmendi

Насоката која требаше да стартува на Филолошкиот факултет минатата година е наречена - балканистика. За разлика од минатата година, оваа година не е распишан ниту конкурс. Бајрам Бериша, проректор на Универзитетот во Приштина за настава и научни прашања , има свое објаснување за тоа, иако професор Осман Гаси, декан на Филилошкиот факултет, јавно кажа дека годинава „речиси сигурно ќе биде отворена оваа катедра“ и дека насоката „малку повеќе ќе се рекламира за информацијата да стигне до пошироката јавност“:

„Агенцијата за акредитација ја акредитираше катедрата за изучување балкански јазици само за минатата година. Но доколку постои интерес ние сме подготвени уште еднаш да разговараме со претставниците на споменатата агенција и да ги замолиме да ни дадат акредитација за таа насока како и минатата година, кога се пријавија само двајца. Да се отвори насока на Универзитетот во Приштина потребно е да има најмалку десет студенти. Реалноста е таква, иако ние сме отворени и подготвени за нови програми“, вели Бериша.

Проректорот не објаснува како раководството на Универзитетот знае дека не постои заинтересираност, кога конкурсот за близу 10 илјади бруцоши на целиот Универзитет е се‘ уште во тек. Нејасно е и како заинтересираните да се јават, кога не им е пружена ниту прилика за тоа.

„Не би предавал на етнички чист универзитет“

Бериша не смета дека се потребни дополнителни активности за отворање на катедра за балканистика. „Сите насоки на универзитетот се еднакви“, вели тој, додавајќи: „Каков маркетинг? Универзитетот бара акредитација и распишува конкурс. Ние сме отворени. Бевме заинтересирани да отвориме вакви студии, како што е тоа случај во Грција, Романија или некои други земји. На оваа тема разговаравме и со дел од потенцијалните професори, од и надвор од Косово, кои беа подготвени да работат. Заинтересирани студенти, меѓутоа, за оваа насока нема“, заклучува Бериша.

Bajram Berisa
Бајрам Бериша, проректорФотографија: DW/R. Alija

Живојин Ракочевиќ до јуни 1999 година бил професор по светска книжевност на катедрата за српски јазик и книжевност на Универзитетот во Приштина. Тој смета дека сето ова е „очекувано и дека никогаш не предавал на тој етнички чист универзитет“:

„Ова што сега се прави, се прави за да се задоволи некаква форма. Не би работел на тој Универзитет затоа што не се реализираше враќањето, затоа што ова веќе не е мој град, затоа што тој град ми го земаа и затоа што ова не е мој Филолошки факултет. Тој факултет е убиен, тој факултет исчезна во етничкото чистење и тука е крајот“, тврди Ракочевиќ.

„Да знаев, ќе конкурирав“

Некои од младите Косовци се согласни дека отворање катедра за балканистика, која пред војната се викаше славистика, е неопходна поради повеќе причини: „Таа катедра треба да се отвори. Доколку на Косово живеат и припадници на останатите заедници, тоа треба да им се овозможи, исто како и на оние Албанци кои би сакале да учат словенски јазици. Навистина не знам зошто минатата година не се пријавиле на конкурс. Можеби и немале доволно информации. Секако дека оваа година треба да се преземат дополнителни чекори“, смета Ваљбона Мемети од околината на Гњилане, инаку студент на Универзитетот во Приштина.

Universität in Pristina
До 1999 година се изучуваа срспки и руски јазикФотографија: Mimoza Cika Kelmendi

„Да имаше информации, тоа да беше дадено во јавноста, а не само да е објавено на универзитетот и да трае тие десет дена, па кој фати-фати, јас лично би конкурирал. Би се запишал на босанки или српски ајзик, а вака не знаев“, вели Мерсит Терзини од Призрен.

До јуни 1999 година на Филолошкиот факлтет од словенските јазици се изучуваа српски и руски јазик.