1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Усвоени измените на Законот за работни односи

ЖА/макфакс2 декември 2013

Македонското собрание ги усвои измените на Законот за работни односи, со кои според опозицијата, се кратат правата на работниците. Владејачкото мнозинство и претставници на ресорното министерство ги отфрлија критиките.

https://p.dw.com/p/1ARit
Фотографија: MIA

Новите одредби на Законот за работни односи, кои претходно беа ставени на собраниска расправа, предвидуваат рокот на застареност во кој работодавачот ќе може да му даде отказ на работникот, доколку истиот направил прекршок на работното место, од три да се зголеми на 18 месеци.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека практиката покажала оти наведените рокови за застареност се кратки и дека постои потребата од зголемување на роковите.

За опозицијата, пак, предложеното законско решение е ново кратење на работничките права и со него му се дава можност на работодавачот да го отпушти работникот една година по направениот прекршок.

„Измената треба да се повлече, затоа што ваквото законско решение не е во полза на работниците. Измената на Законот е во интерес на работодавачите“, рече Цветанка Иванова од најголемата опозициска партија СДСМ, додавајќи дека во изминатиот период постојано се кратат работничките права.

Илија Димовски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не се согласи со тврдењето дека во изминатиот период постојано се намалуваат работничките права, за што, според него, потврда претставува воведувањето на минималната плата и низа други законски решенија.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека решението коешто се предлага е разгледано на Економско-социјалниот совет во кој членуваат и работодавачите и синдикатите. „Најдовме решение кое беше прифатено од двете страни“, нагласи Ибрахими.