1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Условена - е второ име за замрзната препорака!

Катерина Блажевска11 ноември 2015

Прашање е, дали фактички замрзнатата, а наречена условена препорака, ќе биде мотиватор за реформи или уште повеќе ќе го одложи решавањето на кризата, велат дел од аналитичарите

https://p.dw.com/p/1H3mk
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

„Тоа е целосно фиктивна категорија“... „Условена препорака не значи ништо во практика“... „Има - или нема препорака, прашање е сега“... „Ни риба, ни девојка“... „Условена - е само второ име за замрзната препорака“... Вакви се оценките на аналитичарите со кои разговараше Дојче веле, по објавувањето на вчерашниот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија и клучните пораки од Брисел.

Според комуникологот Петар Арсовски, препораката е реално замрзната.

„Македонските интеграции се ставени на стенд бај. Пред редовните реформи се сопнуваме на нов камен - реформите предвидени со Договорот од Пржино и со оние препорачани во Извештајот на Прибе. Заради тоа препораката е замрзната. Брисел јасно порача: 'Препораката ќе ја имаш, ако имаш резултати. Во моментов ги немаш!'“, вели Арсовски.

Едвај „преодната“ оценка што во просек ја доби Македонија од ЕК, и поставениот услов, воопшто не ги изненадува аналитичарите.

Критиките со години бележат континуитет, укажува Душан Бојчев, советник за надворешна политика на поранешниот претседател, Киро Глигоров.

„Централната квалификација е 'целосна реализација на Договорот од 2 јуни/15 јули'. Тоа јасно укажува дека не е важна само кредибилноста на изборите, туку секој сегмент до нивното одржување: одвојување на државата од партијата, департизација на институциите, обезбедување независно судство, човекови права, слобода на медиумите, расчистување на корупцијата, на содржините од следените комуникации, надминување на подвоената политичка култура и ред други обврски. Ако се имаат предвид бројните забелешки во повеќе области, не треба да се зборува за Извештај кој бележи напредок, туку за стагнација“, дециден е Бојчев.

Полирање на локалните шерифи

Иако на 80 страници е направено реално скенирање на состојбите во Македонија, кај дел од аналитичарите постои сомнеж дали Брисел ги користи вистинските механизми во посредувањето за решавање на македонската криза. Суад Мисини, извршен директор на Истражувачкиот центар за граѓанско општество, смета дека проблемот не се решава, туку само се одложува со овој очекуван епилог, во кој „двете страни“ го испорачаа својот максимум: Македонија да покаже „способност“ во последна секунда да обезбеди некаков договор за имплементација на „Пржино“, што пак ги откри лимитите на политиката на ЕК кон кризата во Македонија и нејзиниот пристап на „морков и стап“.

„Морковот беше сосема неатрактивен, а стапот - кус и поднослив за владејачката структура. Условената препорака во практика не значи ништо, но во политиките меѓу двете 'страни' значи дека ЕК излегува привремено со измиени раце и без преголема штета за двете страни, особено за Комисијата. Но, таа само го одложува проблемот кој не е решен: комесарот Хан потенцира дека треба да се подобрат меѓуетничките односи и дека се потребни мерки на доверба. Во сегашниот момент тоа нема да се случи. ДПМНЕ беше исклучително посветена и ќе продолжи да биде во опструирање на функционирањето на 'преодната влада' и во шиканирање на се' што доаѓа од страна на опозицијата. Тука ќе завршат мерките за доверба. Меѓуетничките односи нема да бидат тема за која тие ќе размислуваат, освен меѓуетничките односи зачинети со верски елементи да бидат злоупотребени, во случај Груевски да биде притиснат повеќе отколку што тоа може да го истрпи неговиот, сега веќе истоштен политички организам“, прогнозира Мисини.

Тој не верува дека итните реформи ќе се реализираат на субстанцијален начин.

„Позицијата на ЕК да изготви извештај за примената на 'Пржино' по изборите, му го овозможува на Груевски и на ДПМНЕ целото време на овој свет за да го одиграат последниот танц за спас на нивната кожа, нивната партија и евентуално да им го овозможи она што е најголема опасност за Македонија во блиска иднина: бетонирање на оваа криминализирана структура на ДПМНЕ на политичката сцена со исплакнат и обновен мандат 'даден' од граѓаните, со што малтретирањето на оваа земја, но и на европските институции ќе продолжи и понатаму. Препораката која сите овие години требаше да значи поттик за суштински реформи, беше злоупотребена за инсталирање на еден чудовишен заробен систем и безмилосно пљачкосување на Македонија. Сега таа е условена со реализацијата на 'Пржино' на ниво што би било минимум прифатливо за СДСМ како преговарачка страна, која од детектор на страотни криминали се претвори во страна која треба да прави отстапки. Затоа, условената препорака е само административно полирање на политичките вратоломии на локалните шерифи“, смета Мисини.

Назадување во клучните области

За сите земји кои пристапуваат, ЕК дефинира клучни области кои се дел на дополнителен мониторинг: владеење на правото и фундаментални права (вклучително и функционирањето на правосудниот систем, корупција, организиран криминал и слобода на изразување), економски критериуми, реформа на јавна администрација, како и три поглавја поврзани со јавните набавки, статистика и финансиска контрола.

„Загрижува фактот што токму во овие клучни области Македонија стагнира и/или назадува“, вели д-р Симонида Кацарска, истражувачки координатор во Институтот за европска политика во Скопје.

„Новиот пристап на ЕК годинава успешно ги илустрира разликите помеѓу добрата усогласеност на законодавството и реалните состојби во земјата. Во случајот на Македонија, во овој Извештај многу е понагласен јазот помеѓу доброто ниво на законодавна усогласеност и уназадувањето во клучните политички и економски критериуми. ЕК утврдува уназадување во судскиот систем, слободата на изразување и управување со јавните финансии“, потенцира Кацарска.

Таа потсетува дека препораката воопшто нема да биде предмет на разгледување на состаноците на Советот во декември 2015 година.

Груевски: Народот ќе даде „извештај“

Домашната навика за градење симплифицирани оценки - дали извештајот е „позитивен“ или „негативен“, годинава се надополни и со жестоки меѓупартиски обвинувања за виновниците поради содржината во него. Вчера по првичните оценки, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си разменија серија од реакции и контрареакции, а премиерот Груевски како најрелевантен оценувач на состојбите во земјата, повторно го посочи „народот“.

„За темите опфатени во извештајот најдобра оценка може да даде народот, затоа што токму народот во нашата земја ги знае секојдневните предизвици со кои се соочува, ги знае сите актери и околности, и оценката, односно извештајот на народот ќе дојде на наредните избори. Народот е тој што во оваа држава одлучува“, порача Груевски, откако амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, официјално му го предаде Ивештајот на ЕК.

На ваквиот став на Груевски реплицираше заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

„А народот, кој извештај го чека народот? Оној на специјалната јавна обвинителка!“, напиша Шекеринска на нејзиниот профил на Фејсбук.

Шефот на државата, Ѓорге Иванов, оцени дека и годинешниот извештај на ЕК дава објективна слика за актуелните состојби во повеќе области.

„Земјата ја очекува интензивен период на политичката сцена и потребно е одговорно однесување од сите политички актери“, порача претседателот, но нагласи дека е крајно време Република Македонија да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ.

„Треба објективно да се согледаат последиците од предолгото чекање. Политичките кризи се повторуваат и за жал, секоја следна криза е со посилен интензитет и поопсежни последици“, истакна Иванов.