1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Условите на Гуантанамо како во средниот век

9 март 2004

Во базата Гуантанамо повеќе од две години се затворени 660 лица. Тие немаат право на адвокат и не смеат да примаат посети. Осомничени се дека им припаѓале на авганистанските Талибанци, односно дека се занимавале со терористички активности.

https://p.dw.com/p/AcPH
Капитол Хил
Капитол ХилФотографија: Illuscope

За претседателот Буш тие сите се ”лоши луѓе”. Министерот за одбрана вели дека знае оти сите тие не се занимавале само со кражби на автомобили. САД досега на јавноста, на роднините на затворените и не како последно, на самите затвореници, им ги должат сите правни докази. Како простор каде не важат правните норми, базата Гуантанамо сеуште се користи како затвор на стотици луѓе, без обвинение, без правна помош, без увид во актите и без перспектива за пристоен судски процес. Доволно е само чистото сомневање дека овие луѓе би можеле да водат војна против Америка, дека тренирале во камповите на Ал Каеда за насилнички Џихад или дека сториле други терористички дела. Притоа, што точно се подразбира под терористичко дело, останува работа што ја дефинираат само господата во Пентагон. Тие, имено, се одговорни за судбината на затворениците на Гуантанамо, се додека не бидат изведени пред воен суд или додека на крајот на бидат упатени на милоста или немилоста на американскиот претседател.

САД се повикуваат на военото право, иако затворениците на Гуантанамо никогаш не носеле униформа на една регуларна армија. Со вакво образложение ним САД им одбиваат признавање статус на воени заробеници, иако истовремено се тврди дека како такви се третирани. Тоа, сето, според правните норми, нема смисол. Но, САД ги кршат и уставните норми, зашто и таму важи основното правило ”in dubio pro reo”, односно ”во случај на сомневање треба да се реши во полза на обвинетиот”. Затоа, еден затвореник, не може да се остави зад решетки на неопределено време, а особено не во изолационен затвор, како што тоа се случува на Гуантанамо, делумно под недостојни услови.

Крајно време е највисокиот суд во САД да донесе основна пресуда. Само така, роднините кои протестираат во Вашингтон, можат да отворат правен процес. И, само така, повторно ќе ги имаат човековите права и човековото достоинство, нешта на што инаку владата на Буш во нејзиниот светски поход против теророт толку сака да се повикува.