1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310309 Afghanistan Konferenz

1 април 2009

Меѓународната заедница сака да го засили ангажманот во Авганистан и повеќе да му помогне на авганистанскиот народ - со ова ветување заврши конференцијата за Авганистан, која се одржа вчера во Ден Хаг (31.03.2009).

https://p.dw.com/p/HOH1
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Во Авганистан веќе не може како досега. Во тоа беа согласни претставниците од над 80 земји и 20 меѓународни организации. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон ги замоли учесниците на конференцијата врз основа на новата стратегија на САД за Авганистан и Пакистан да го зголемат ангажманот во земјата на Хиндукуш:

„Оваа конференција има за цел да го обнови нашиот договор за изградба на посигурен регион и посигурен свет, кој е во интерес на сите луѓе, кои ние овде го претставуваме во Ден Хаг. Тоа е во интерес за светот којшто имаме желба да го креираме.“

И на Иран му е понудена блиска соработка

Клинтон им понуди тесна соработка на државите во регионот. Тоа важи и за режимот во Иран. Таа на новинарите им изјави дека имало и средба меѓу специјалниот американски пратеник за Авганистан и Пакистан, Ричард Холбрук со иранската делегација. Иранскиот заменик министер за надворешни работи, Мехди Акунхаџа молчи на оваа тема. Тој навистина го критикуваше ангажманот на странски војници во Авганистан како контрапродуктивен, но од друга страна понуди поголем ангажман на неговата земја.

„Го поздравуваме предлогот на донаторските земји за заедничка помош и соработка за Авганистан. Ние сме подготвени да учествуваме во борбата против шверцот на дрога и во проектите за обнова.“

Акунхаџа нагласи дека Иран има голем интерес од стабилен Авганистан, ослободен од терористите. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи го нагласи значењето на неговите „големи соседи Иран и Пакистан“ за слободата на неговата земја и вети дека нивните интереси ќе бидат земени предвид. Карзаи оцени дека новата американска стратегија е вистинскиот пат за да се решат проблемите во Авганистан. Тој ја повика меѓународната заедница во помошта за Авганистан да ја вклучи повеќе и авганистанската влада:

Afghanistan Konferenz - Treffen Antonio Milososki und Hamid Karzai
На коференцијата за Авганистан присуствуваше и македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски (на фотографијата со авганистанскиот претседател, Хамид Карзаи)Фотографија: Dragan Todorovski

„Нашата стратегија во прв ред е авганизација на мировниот процес. Тоа значи засилување на улогата на авганистанската армија и полиција во борбата против тероризмот и во обезбедувањето на безбедна и правна држава за нашите граѓани“.

Талибанците да ја сменат страната

Карзаи истовремено им понуди на Талибанците да се одвојат од терористичката организација Ал Каеда и да се вклучат во обновата на Авганистан. Што му треба на Авганистан, седум години по уривањето на талибанскиот режим, најдобро дефинираше холандскиот министер за надворешни работи, Максим Верхаген: изградба на посилна авганистанска армија и полиција, функционална влада, засилена обнова и помош за заживување на економијата.

Karte Afghanistan Schutztruppe ISAF, Deutsch, Stand: März 2009
Карта на распореденост на силите ИСАФ во Авганистан

Тој ја повика меѓународната заедница да изгради нов сојуз за Авганистан, сојуз кој ќе му помогне на Авганистан да стане самостоен од надворешната помош. Ова, според зборовите на германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, може да се постигне само кога ќе се сфатат поврзаноста меѓу економскиот развој и мирот.

„Стабилизацијата на Авганистан е можна тогаш кога земјата економски ќе застане на свои нозе.“

Голем дел од учесниците на конференција, пред се шефот на американската дипломатија Хилари Клинтон, зборуваа дека е ова „одличен ден за Авганистан“. Оценката на специјалниот пратеник на ОН за Авганистан, Каи Еиде, наспроти тоа, е поотрезнувачка. Кога поставените цели од оваа средба ќе бидат и имплементирани, тогаш ќе можеме да зборуваме за успех во Авганистан, рече Еиде на крајот од најголемата конференција досега, посветена на Авганистан, која се одржа во Ден Хаг.


Автор: Ратбил Шамел / Невена Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска