1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успешна лидерска средба во Скопје

25 јули 2009

Лидерите на најголемите политички партии во Македонија се договорија за неколку закони, кои се меѓу условите за земјата да добие позитивен извештај од ЕК, што ќе значи и шанса за датум за преговори за членство во ЕУ.

https://p.dw.com/p/Ix9m
Македонија се` поблиску до ЕУФотографија: Petr Stojanovski

Премиерот Никола Груевски и претседателите на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДУИ, Али Ахмети и на Нова Демократија, Имер Селмани на вчерашната лидерска средба се обврзале во што е можно поширок консенсуз во парламентот да бидат донесени Законот за Собрание, Законот за финансирање на политички партии и Законот за државната администрацијаа. Освен тоа, лидерите искажаа заедничка заложба за имплементирање на духот на Рамковниот договор.

„Законот за Собрание е прифатен од страна на политичките партии, и со голем консензус ќе биде гласан во парламентот“, изјави по средбата Трајко Велјановски, претседател на Собранието на Р.Македонија.

Според лидерскиот договор, а на барање на СДСМ, треба да следи и расправа за промени во собранискиот Деловник и имплементација на законот за јазиците, што го бара Нова Демократија. „Потребно е сите да се заложиме за до дојдеме до еден позитивен извештај“, рече премиерот Груевски по средбата. Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски пак истакна:

„СДСМ во овој период ќе биде крајно конструктивен, се` во интерес на државата. Така и се однесувавме на оваа средба. Јасно и гласно кажавме дека ќе ги поддржиме клучните закони неопходни за добивање на позитивен извештај од страна на Европската Комисија, се разбира не во било каква содржина, меѓутоа немаме никакви теснопартиски интереси или забелешки“.

Рокот до кога треба да се заврши работата е 15 септември, односно до затворањето на извештајот на Европската комисија.
На средбата во Скопје не присуствуваше лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој на поканата од премиерот возврати со писмо во кое го образложува своето неприсуство на лидерската средба.
„Досега сме имале десетици вакви некорисни состаноци. Очигледно, кога ја губите самовербата, барате спас во ваквите средби за да ја поделите одговорноста со нас“, вели Тачи, во писмото упатено до премиерот Груевски.

Автор: С.Н./Т.Т./миа/макфакс

Редактор: Трајче Тосев