1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Успешна прва трансплантација на срце во македонска болница

СН/агенции
23 мај 2020

Огромен успех за македонското здравство, оцени министерот Венко Филипче. Тој денеска во државната клиника за кардиохирургија го посети пациентот кому му беше направена трансплантација на срце, прва досега во земјата.

https://p.dw.com/p/3cfCp
Symbolbild Herztransplantation
Фотографија: picture-alliance/Keystone/G. Bally

Среде корона-кризата, историски момент за македонското здравство. Во оперативен зафат, кој траел цели шест часа, рано утрината на државната Клиника за кардиохирургија на 54-годишен пациент успешно му било трансплантирано срце. Станува збор за првата кадаверична трансплантација на срце, во земјата  односно трансплантација од починат донор. Министерот за здравство Венко Филипче утрината го посети пациентот кому му беше трансплантирано срце. Министерот оцени дека трансплантацијата била успешна и му се заблагодари на семејството на донорот на срцето за хуманата одлука.

„Тие се хероите во оваа приказна“, рече Филипче, заблагодарувајќи им се притоа и на лекарите од јавното и приватно здравство, на медицинските сестри, координаторите и сите кои тимски ја направија трансплантацијата“ 

„Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта... Ова е огромен успех за македонското здравство“, истакна министерот. 

Повеќе:

-Донирање органи - прашање на живот или смрт

-Кога ќе ти откаже срцето

-Македонија треба да ја развива трансплантационата медицина

Трансплантацијата на срце е исклучително тешка и ризична хируршка интервенција. Првиот ваков зафат во Македонија успешно го спроведе мешан тим на хирурзи од јавното и приватното здравство. 

Mazedonien Mutter Teresa-Klinik in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Трансплантацијата на срцето ја работеле докторите Сашко Јовев и Жан Митрев заедно со докторите Васил Папестиев, Марјан Шокаровски, Ванѓел Здравески,  Кјутим Џелили, Тања Анѓушева, Никола Христов, Стефанија Хаџиевска, докторка Надица Мехмедовиќ, Весна Миташова,Јасмина Илиевска,  Марија Гераковска и
Димче Славевски. 

Претходно експлантацијата на срцето на починатата пациентка ја извршиле докторите  Марјан Шокаровски, Александар Колевски и Александар
Николиќ. 

Целиот процес, во координација со министерот Филипче, беше воден од страна на националниот координатор за трансплантација, Маја Мојсова Мијовска, која со својот тим:  Билјана Андоновска, Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направиле сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.