1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставот на ЕУ им останува во аманет на Ирците

13 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRX
Самитот на ЕУ посветен на идниот устав на Унијата заврши со неуспех по ова важно прашање - соопшти претставник на италијанското претседателство на самитот во Брисел. Според италијанскиот дипломат, шефовите на државите и владите не успеаја да најдат компромисно решение околу идната распределба на гласовите во министерскиот совети. Разговорите затоа се одложени без најава за конкретен термин за продолжување, а ги презема идниот претседавач со Унијата, Ирска.

Претседавачот со ЕУ, Силвио Берлускони на крајот мораше да се откаже од обидите да посредува меѓу закоравените фронтови. Тој не успеа да најде компромисно решение што ќе ги надмине разликите меѓу премногу различните позиции. Преговорите пропаднаа пред се' поради тоа што полккиот премиер Лешек Милер не сакаше никако да се откаже од поволната позиција што и' е дадена на неговата земја со договорите од Ница. Канцеларот Герхард Шредер, пак, инсистираше на примена на предлогот на Конвентот, во кој се предвидува воведување двојно мнозинство, составено од 50% од гласовите на одделни земји, во кои меѓутоа мора да се застапени и 60 проценти од вкупното население на Унијата. Германската влада исто така не сакаше да се согласи ни со исклучување на најтешкото од спорните прашања за тежината на гласовите и да ги прифати останатите "неспорни" точки од Уставот. Тоа беше имено идејата на Силвио Берлускони, како компромисно решение за самитот да не заврши со потполн неуспех. Тој цела ноќ се обидуваше во индивидуални разговори да изнајде можност за надминување на блокадата, но попусто. Исто како и договорената и одржана средба во четири очи меѓу канцеларот Шредер и полскиот премиер Милер.

Германскиот пратеник во Европскиот парламент, Клаус Хенш од социјалдемкратската партија, ја обвини полската влада за пропаѓањето на преговорите и оцени дека ЕУ е втурната во тешка криза. Оној кој дозволил да пропадне владината конференција околу Уставот, тој носи врз плеќите историска вина, нагласи Хенш, додавајќи оти уставот пропаднал затоа што делегацијата на една земја најавила оти не може да се врати дома без решение што ги респектира договорите од Ница. И од кругови на германската владина делегација во Брисел се слушна дека Полска е секако меѓу земјите кои носат посебна одговорност за пропаѓањето на преговорите. Портпарол на полскиот премиер Лешек Милер, пак, најави дека не само што е свикана кризна седница на владата во Варшава, туку договорена и средба на премиерот со претесдателот на државата Александар Квашњевски.

Од дипломатски извори во Брисел се дознава дека по пропаѓањето на преговорите околу Уставот, шесте држави основачи на Унијата имаат намера да излезат со заедничка декларација, во која ја изразуваат волјата за потесна интеграција во Унијата. Франција, Германија, Италија, како и Холандија, Белгија и Луксембург, кои ја основаа Заедницата за јаглен и челик во 1951. година, во декларацијата им оставаат меѓутоа можност за приклучување кон оваа иницијатива и на другите членки на ЕУ.

Според најновите информации од Брисел, договорено е ирското претседателство со Унијата до пролетниот самит во март да изготви нов компромисен предлог.