1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Училиштето не е место за молитва

5 јуни 2010

На 16-годишниот ученик муслиман од Берлин, Јунус М., лани судот му даде право да се моли во специјална просторија во својата гимназија. Неодамна, пресудата е коригирана во втора судска инстанца.

https://p.dw.com/p/NeeF
Фотографија: picture-alliance/ dpa

16-годишниот ученик-муслиман не може да ја врши пладневната молитва за време на паузата во својата гимназија, решија судиите. Тој има право на верска слобода, но нејзиното ограничување во конкретниот случај е оправдано, се вели во пресудата.

Јунус М. посетува гимназија заедно со 650 соученици од 30 нации. Застапени се сите светски религии, па и исламот. Според првостепената пресуда, Јунус смееше да се моли во училиштето. Судот се повика на мислењето на вештак, дека тврдокорните муслимани не можат да ги изостават молитвите, дека е во прашање религиозната слобода на ученикот. Експертот за ислам од Гетинген, Тилман Нагел противречи на ваквиот став:

„Не, тоа не се коси со неговата верска слобода, зашто тој може попладнето дома или во џамија да ја надополни и пладневната молитва.“

Betende Muslime in der Kölner DITIB-Moschee
Молитвите можат да се надополнатФотографија: picture alliance/dpa

Значи, постои можност за спојување на молитвите.

Вистински верник или не?

Досега Јунус М имаше на располагање посебна просторија во гимназијата за молитва. Директорката, меѓутоа, констатирала дека ученикот ја искористил само 14 пати, соопшти таа пред судот. Дали ученикот всушност и не бил толку убеден верник, колку што се претставил пред судот? Неговиот адвокат Билент Јасар се обиде да ја разјасни очигледната противречност:

„Тој не можел секогаш да најде наставник кој би му ја отклучил просторијата за молитва: Тоа е причината зошто не можел да ја користи секогаш кога сакал, па наместо тоа, се молел во училницата, кога за тоа имал прилика.“

Уште како 14-годишен Јунус М. се молел и поклонувал во ходникот на гимназијата заедно со други муслимански ученици. Неговиот татко е Германец кој конвертирал во ислам, мајка му потекнува од Турција.

Muslime in Deutschland
Фотографија: AP

Притисок врз останатите ученици

Отприлика во времето кога Јунус судски ја извојувал можноста за молитва во училиштето, убедените муслимански верници-ученици започнале да вршат притисок врз останатите, вели директорката на гимназијата Ведингер во Берлин, Бригите Бурхарт:

„Во месецот Рамазан се бара од учениците кои не се придржуваат цврсто кон муслиманската вера да го променат своето однесување и да го доведат во склад со религијата.“

Откако Јунус М., според второстепената судска одлука, не смее веќе да се моли во гимназијата, конфликтниот потенцијал ќе се намали, се надева директорката.

За да ја исполни обврската која ја има од државата за изведување настава и воспитување на младите, училиштето има потреба од мир, се вели во пресудата. Против неа Јунус М. има право на ревизија пред Сојузниот управен суд.

Автор: Улф Морлинг / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска