1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште пари за должничката криза?

4 февруари 2011

Денеска (04.02.2011) во Брисел се одржува Самит на лидерите на земјите членки на ЕУ, на кој на дневен ред е расправа за Фондот за стабилизација на еврозоната, односно за прашањето - дали тој треба да се зголеми?

https://p.dw.com/p/10AGn
Фотографија: AP Graphics

Пред неполна година Грција навлезе во тешка должничка криза. Во март 2010 земјите членки на еврозоната изготвија спасувачки пакет за длабоко задолжената земја, а два месеци подоцна следуваше создавањето на Фондот за стабилизација на еврозоната, познат уште и како „спасувачки чадор“. На денешниот Самит во Брисел најверојатно ќе се спори за тоа дали овој „спасувачки чадор“ треба да биде проширен или не.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и комесарот за монетарни прашања Оли Рен побараа зголемување на средствата за Фондот за помош на најзадолжените членки на еврозоната. За тоа Јирген Матес од Институтот на германското стопанство во Келн вели:

„Намерата за време на создавањето на ’спасувачкиот чадор’ беше да им се порача на финансиските пазари дека не се исплатуваат шпекулациите против периферните земји и оти нема да биде допуштено тие да банкротираат.“

EU Rettungsschirm Barroso
Претседателот на ЕК, Барозо бара проширување на „спасувачкиот чадор“Фотографија: AP

Ситуацијата не е толку драматична

За да се обезбеди тоа фондот за спас би морал да биде доволно голем. Во него сега, имено, има 750 милијарди евра, но со оглед дека дел од парите претставуваат гаранции на располагање, всушност се 440 милијарди. Професорот Волфганг Герке од баварскиот финансиски центар во Минхен смета дека нема причина за зголемување на средствата:

„Сметам дека е опасно да се најавува зголемување на обемот на фондот и пред да бидат потрошени парите. Доколку уште сега се ветат повеќе пари во земјите должнички ќе биде помала подготвеноста да се стори се’ што е потребно за да се стекне доверба кај финансиските пазари“.

Имено, ситуацијата не е толку драматична, како што се претпоставува. Навистина, Италија годинава мора да обезбеди 270 милијарди евра на финансиските пазари, но професорот Герке вели:

„Италијанското стопанство зад себе има солидни банки кои одвај и да се погодени од кризата. Во Шпанија навистина има проблеми со штедилниците, но останатите шпански банки се многу солидни.“

Irische Euro-Münze Finanzkrise Rettungsfonds Rettungsschirm
Фотографија: dpa

Во кризата има и шанса

Точно е дека за рефинансирањето на долговите на Италија, Шпанија, Португалија, Ирска и Грција се потребни многу пари, но финансиските пазари располагаат со огромни средства кои се подготвени и да ги вложат, што најдобро се гледа на примерот на добрата продажба на ирските обврзници во јануари.

Што се однесува, пак, до нервозата на пазарите, таа би можела да биде и од полза за Ирска, Грција и Португалија, бидејќи:

„Тоа се земји кои далеку заостануваат според конкурентноста. Кризата придонесе кон тоа тие да започнат сериозни реформи и да се надеваме дека ќе бидат и спроведени. Значи во кризата постои и шанса“, вели Јирген Матес од Институтот на германското стопанство од Келн.

Автор: Фабијан Шмит / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска