1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фабриката „Фагус“ светско културно наследство

10 јули 2011

Веќе 100 години фабриката Фагус во Германија произведува дрвени модели на стапала. Сега ОН официјално ја прогласија оваа масивна градба во централна Германија за архитектонско ремек-дело од посебно значење.

https://p.dw.com/p/11rWB
Фабриката Фагус

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 25 јуни ја стави зградата на фабриката „Фагус“, која се наоѓа во местото Алфелд, во германската покраина Долна Саксонија, на листата на светско културно наследство, во која се вклучени зданија како пирамидите од Гиза, кривата кула од Пиза, или пак, Статуата на слободата во Њујорк.

Големо признание

Deutschland Architektur Bauhaus Walter Gropius Fabrik wird UNESCO Weltkulturerbe
Фабриката до денес произведува модели од стапала за чевларската индустријаФотографија: dapd

Фабричката зграда, која по нарачка на индустријалецот Карл Беншајд ја проектираше легендарниот архитект Валтер Гропиус, и која беше градена од 1911 до 1925 година, УНЕСКО ја прогласи за „основа во развојот на модерната архитектура и индустрискиот дизајн“.

Деловниот раководител на фабриката, во која до денес се произведуваат дрвени модели на стапала за чевларската индустрија, Кај Гретен, е презадоволен од одлуката на УНЕСКО.

„Ова е неверојатно, многу убаво чувство. Ова е големо признание за нас, за работниците, но и за она што сме го постигнале во изминатите години. Огромна работа“, вели Кај Гретен.

Предвесник на модерната архитектура

Deutschland Architektur Bauhaus Walter Gropius Fabrik wird UNESCO Weltkulturerbe
Фабриката Фагус на почетокот од изградбата во 1911 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Објектот на фабриката „Фагус“ го карактеризира функционална естетика, што е заштитен знак на прочуената градежна школа Баухаус, основана токму од Валтер Гропиус. Јасните кубични форми и транспарентни конструкции од челик и стакло, и‘ давале на градбата дотогаш непозната леснотија. Гропиус, тогаш се' уште немал ни 30 години, а дури 8 години подоцна ја основал школата Баухаус.

Во соопштението на УНЕСКО се додава дека фабриката „Фагус“ е предвесник на работата на Баухаус и на развојот на архитектурата во Европа и во Северна Америка.

Автор:СН/ ЕМФ/дл/ард

Редактор: Горан Чутаноски