1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фаворитите сигурни на отворањето на сезоната

Јенс Крепела27 август 2012

Главните кандидати за титулата во новата сезона, Борусија (Д) и Бајерн со победи ја започнаа новата бундеслигашка сезона. Кризата веќе на повидок во Хофенхајм и Хамбург.

https://p.dw.com/p/15x9A
Фотографија: AFP/Getty Images

Првото коло од новата сезона во Бундеслигата заврши во неделата со дуелот меѓу Хановер и Шалке. Во рамноправен дуел двете екипи ги поделија бодовите играјќи нерешено 2:2. Хановер дојде во водство во финишот на првиот дел преку Фелипе. Во второто полувреме Шалке направи пресврт со головите на Хунтелар и Холтби, но бодот за домаќините го спаси Никчи во самиот финиш.

Бранителот на титулата Борусија Дортмунд, традиционално, ја отвори сезоната уште во петокот со дуелот против Вердер. Борусија победи со 2:1 пред своите навивачи, но не воодушеви со играта. Причина за радост имаше новото засилување на шампионите, Марко Ројс кој погоди во деби мечот. Погодокот за Вердер беше дело на Гебре Силаси, додека победничкиот гол за Дортмунд го постигна Марио Геце.

Fussball - Borussia Dortmund gegen Werder Bremen Marco Reuss
Марко РојсФотографија: Reuters

Фаворитот Бајерн имаше релативно лесна задача на гостувањето кај новајлијата во лигата, Гројтер Фирт. Баварците славеа со убедливи 3:0, а стрелци на головите беа Милер, Манџукиќ и Робен.

Успешен старт за Диселдорф

Старт од соништата имаше новајлијата Фортуна Диселдорф со победата од 2:0 на гостувањето кај Аугсбург. Стрелец на двата погодока беше Шахин.

Борусија Менхенгладбах се извади за слабиот старт на сезоната и поразот од Динамо Киев во квалификациите за Лигата на Шампионите со успех во дуелот против Хофенхајм. Победата од 2:1 на Борусија и ја донесоа Аранго и Ханке.

Во Хофенхајм веќе се говори за криза, откако минатата недела тимот загуби катастрофално во првото коло од германскиот куп, и тоа од тим од четвртата лига.

Во слична ситуација се наоѓа и Хамбургер, чии играчи беа исвиркани од домашната публика по поразот од Нирнберг од 0:1. Единствениот гол за гостите го постигна Балич кон средината на вториот дел.

За изненадување на колото може да се смета поразот на Бајер Леверкузен на гостувањето кај повратникот во Бундеслигата, Ајнтрахт од Франкфурт. Ајнтрахт ги прокнижи трите бода со победа од 2:1 и покрај тоа што губеше 0:1 на полувремето.

Fußball Bundesliga 1. Spieltag VfB Stuttgart vs. VfL Wolfsburg
Промашениот пенал на ИбишевиќФотографија: picture-alliance/dpa

Интересен дуел беше виден во Штутгарт, каде домашниот тим, поточно напаѓачот Ведад Ибишевиќ промаши пенал на две минути пред крајот на мечот при резултат 0:0. Речиси во следниот напад, гостите од Волфсбург постигнаа погодок преку Дост и ги однесоа трите бода.

Во последниот меч од колото, Фрајбург и Мајнц ремизираа 1:1. За гостите од Мајнц, стандарден во одбраната беше капитенот Николче Новески.