1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Факултетите како проточни бојлери

Катерина Блажевска30 август 2013

Дисперзираните студии го спуштија квалитетот на настава и знаење, а дел од новите факултети се на нивото или под нивото на некогашните вечерни школи, велат универзитетски професори.

https://p.dw.com/p/19Ypa
Факултетот во СкопјеФотографија: MIA

Каде оди македонското образование? Повеќе кон квантитет, помалку кон квалитет, а најмногу кон неограничен престој во Агенцијата за вработување. Пазарот нема апсорпциска моќ за таква хиперпродукција на високообразовани кадри, откако со неселективното отворање на дисперзирани студии речиси во секоја општина, студирањето стана „национален спорт" и за младите и за возрасните. Гледано од финансиски аспект, студиите станаа достапни за сите кои живеат далеку од главните универзитетски центри, но студентите сега ја плаќаат цената на несоодветни технички услови и спуштени критериуми за квалитетна настава и оценка на знаењето. Дипломи има, но дали и знаење?

Сомнителен квалитет

Деканот на Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, вели дека дисперзираните студии лошо влијаат на квалитетот, што се потврдило со досегашното искуство.

„Оваа т.н. дисперзија директно влијае на квалитетот на образовните услуги, а со тоа и на квалитетот на дипломираниот правник. Каков е квалитетот на таа настава, ако се знае дека освен Правниот факултет во Скопје, скоро сите правни факултети во јавните и приватни универзитети немаат доволно кадар и бараат нашиот факултет да им помогне во изведувањето на наставата. Немаат учебничка литература, немаат соодветен простор и услови да работат во согласност со Болоњската декларација. Не случајно, стана масовна појава правниците со завршен прв циклус студии масовно да се запишуваат на мастер студии на Правниот факултет во Скопје, со цел крајната диплома да им биде од 'Јустинијан Први'. Но, на мастер студии доаѓаат со многу намалено ниво на знаење, што значи дека претходно недоволно го стекнале", вели Давитковски.

Borce Davitkovski
Деканот на Правниот факултет во Скопје, Борче ДавитковскиФотографија: DW/P. Stojanovski

До годинава, Правниот факултет во Скопје имаше дисперзирани студии во Велес, сместени во зградата на локалната самоуправа. Бидејќи не беа обезбедни никакви технички услови, таму се одвиваше само настава, а полагањето испити и други активности кои се спроведуваат по електронски пат, се реализираа на Правниот факултет во Скопје. Тој од оваа година нема дисперзирани студии, но сите други универзитети продолжуваат да едуцираат правници во 22 места во земјава.

Шизофрена ситуација

Идентичен е и квантумот на студиски програми од областа на економијата, а суфицит од кадри има и од студиите по филозофија, социологија, педагогија, психологија...

Ситуацијата е повеќе од загрижувачка, таа е шизофрена, вели професорот од Филозофскиот факултет, Љубомир Цуцуловски.

„Никогаш во Македонија немало толку невработени магистри и доктори по филозофски науки и каков апсурд - никогаш Институтот за филозофија не бил толку дефицитарен со кадар, од асистенти до редовни професори, бидејќи не се распишуваат конкурси за прием на нови по пензионирањето на претходните. Лоша е ситуацијата и со бројот на дипломирани професори по филозофија, бидејќи власта смета дека во училиштата нема потреба да се изучува филозофија, логика или етика. Ситуацијата станува погорлива со отворањето на нови факултети или со нивното дисперзирање", вели Цуцуловски. Според него, подобро е средствата да се инвестираат во веќе етаблираните универзитети и така да се засили нивниот квалитет, отколку да се зголемува администрацијата, бидејќи секоја нова високообразовна институција има потреба од нова правна служба, нови студентски прашања, нови декани, продекани, ректори и проректори и тековно одржување на објектите.

„Квалитетот на повеќето од овие високообразовни институции е на нивото, а понекогаш и под нивото на некогашните вечерни школи или работнички универзитети. Ако идејата на оваа политика е решавање на невработеноста, тогаш ситуацијата е целосно неразбирлива, бидејќи вака проблемот само се одложува. За некоја година, дипломираните ќе се јават во Агенцијата за вработување и нивниот притисок ќе биде многу посилен отколку што е сега", вели Цуцуловски.

Studenten - Uni Skopje
Факултетот во СкопјеФотографија: MIA

Социјална бомба

Според податоците од Државниот завод за статистика, интересот за студирање општествени и хуманистички науки во континуитет се зголемува. Во 1996 година од 2.527 дипломци, 1.205 биле од општествените науки, а десет години подоцна од 5.771 студенти, 3.923 дипломирале во овие области. Во 2010 година таа бројка двојно се зголемила - од 9.030 студенти 6.594 завршиле општествени науки. Според Агенцијата за вработување, со факултетска диплома работа чекаат околу 17.000 невработени лица. Но, таа бројка е и поголема, бидејќи дел од дипломираните во недостиг од работа агонијата ја одложуваат со тоа што продоложуваат на магистерски и докторски студии, па додека се едуцираат дел од нив не фигурираат на пазарот на труд. Според експертите, постои опасност големата армија од дипломирани и невработени кадри, наскоро да се претвори во вистинска „социјална бомба".
„Ваквите состојби го принудија Министерството за образование да ги намали квотите за упис на дел од студиите по општествени науки и да ги стави во мирување родовите студии. Проценките се направени во координација со Агенцијата за вработување, врз основа на статистички показатели, но и во согласност со потребите од стручен кадар во новите инвестиции во земјава и со економските интереси на државата", вели портпаролот Давор Политов. Но, тоа е само „капка во морето", која не го менува впечатокот дека високото образование стана како проточен бојлер. На петте јавни универзитети оваа студентска година слободни се вкупно 25.624 места. Од околу 19.000 матуранти колку што во просек завршуваат секоја година, лани 98 отсто се запишале на факултет. Годинава се очекува и повисок процент. Околу 70 отсто од нив завршуваат во регуларен рок.

Консултации со компаниите

Засега студиските програми бавно се адаптираат и свртуваат кон т.н. професии на иднината. Единствено се знае дека најбарани профили на пазарот се програмери, информатичари, машински и електроинженери, но и во нивните рамки постои супспецијалност која сѐ уште не е целосно вградена во студиските програми. Чекор напред направија техничките факултети на УКИМ. „Џонсон Мети", „Џонсон контролс", „Дрекслермаер" се само дел од компаниите со кои универзитетските професори од овие факултети заеднички се консултираат и ги креираат образовните содржини. Деканите на техничките факултети објаснуваат дека најголем приоритет им е создавање стручњаци што можат да се справат со предизвиците на новите технологии и светската наука во сите области и кои ќе можат брзо да најдат вработување.