1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фантастично е да се биде уметник

13 март 2010

Македонскиот пијанист Симон Трпчевски во рамките на европската турнеја со Филхармонискиот оркестар на Холандското радио имаше настап во Берлин. За Дојче веле говори за уметноста, музичкиот ангажман и семејството.

https://p.dw.com/p/MOko
Симон ТрпчевскиФотографија: DW/Silvera Padori-Klenke

ДВ: Што значи да се биде уметник од Македонија на светската музичка сцена? Создава ли политиката бариери?

Симон Трпчевски: Не, кај мене не влијае. Барем засега, ниту пак очекувам да има влијание. Скоро десет години дејствувам на музичката сцена и досега воопшто не сум забележал никаков проблем. Мислам дека луѓето кои се занимаваат со уметност се најсреќните на светот. Прво се привилегирани, зашто не секој може да се занимава со уметност. Од друга страна, пак, чувството е фантастично. Кога во некои интервјуа во Македонија сум бил провоциран за поврзаноста на политиката со уметноста, јас секогаш сум зборувал дека за мене, во мојата глава, во мојот код тоа не постои. А, факт е дека има некакво влијание во поглед на организирањето некои настани. Но, во моето искуство, немало никакви проблеми.

ДВ: Дали сте свиреле во Атина?

Симон Трпчевски: Не, не сум свирел. Но, би сакал. Зошто да не?

ДВ: Настапите Ви се прецизно испланирани. Каква ќе биде 2010 година и каде се’ ќе свирите?

Симон Трпчевски: 2010 започна интензивно, со оглед на шареноликиот репертоар и бројноста. Во краток период од месец свирам пет концерти за клавир и оркестар. И во рок од еден месец свирам во европски музички метрополи како Москва, Берлин, Виена, после Париз и Лондон. Не е многу чест случај, и нормално и природно е да се чувствувам горд. После оваа турнеја одам малку дома. Потоа со Националниот оркестар на Франција го имам своето деби во Париз. Свирам и со Лондонскиот симфониски оркестар во Лондон. Април е резервиран за Америка со симфониските оркестри на Лос Анџелес, Сан Франциско и Хјустон. Се надевам дека ќе успеам нешто да направам и во Македонија. Оваа 2010 година ме очекува, за мене лично многу значајно, првата посета на Јужна Америка. Ќе свирам во Бразил. Во октомрви и ноември следуваат други интересни настапи. Знаете, овој свет така функционира и јас веќе работам на 2012 и 2013 година. Не дека многу ми одговара, но јас не можам да го сменам светот. Од една страна е многу убаво, од друга пак не знате што ве чека вечерва или утре. Но, убаво е зашто свесен сум за она што го правам и среќен сум што светот ме почитува, а преку мене ја запознава и нашата држава.

Simon Trpceski
2010 интензивна година за Трпчвески, кој го пополнува календарот со настани и за 2012Фотографија: DW/Silvera Padori-Klenke

ДВ Пред пет години за Дојче веле кажавте дека семејството Ви е стожер. Имате ли време за него?

Симон Трпчевски: Да, апсолутно заради тоа што сметам дека семејството е стожер и тоа се потруди да останам нормален човек. Јас сум еден од оние уметници кои се обидуваат да прават баланс во животот – да не го поминуваат по авиони, хотели, концертни сали...Се обидувам да најдам време за семејството и повеќе од половина година сум дома. А, кога патувам низ светот, понекогаш ме следи и некој член од семејството. Тоа е едно природно нормално чувство, сакам да го имам и го потхранувам.

Автор: Силвера Падори - Кленке

Редактор: Александра Трајковска