1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фајон: Опасност од повторно воведување на визите за Балканот постои

15 декември 2011

Механизмот за враќање на визите по итна постапка во вонредни ситуации би можел да биде усвоен во првата половина на наредната година, изјави за Дојче веле Тања Фајон, член на Комисијата на ЕП за граѓански слободи.

https://p.dw.com/p/13THN
Македонија и Србија да направат се‘ за да ја спречат злоупотребата на визната либерализацијаФотографија: dpa

„Тоа не е ништо ново, за предлогот на Европската комисија за суспензија на безвизниот режим на половина година или на подолго време, веќе се дискутира подолго време меѓу Советот, Комисијата и Европскиот парламент.

Тоа што Европскиот парламент бара цела процедура, е заради негова поголема улога кога ќе дојде до ситуација некоја земја-членка да побара суспензија на безвизниот режим, тоа да не се случи преку ноќ и да има механизми кои ќе спречат некоја земја да се послужи со овај механизам како политичко средство“, објаснува словенечката европратеничка, член на Комисијата на ЕП за граѓански слободи, правда и внатрешни прашања.

Европските институции се‘ уште преговараат за механизмите за суспензија на безвизниот режим

Според неа, сега се‘ уште се преговара за деталите под кои услови една земја-членка ќе може да побара суспензија на визите.

Tanja Fajon, Mitglied des EU-Parlaments
Тања ФајонФотографија: DW/Alen Legovic

„Јас мислам и очекувам дека во Европскиот парламент и во Комисијата за слободи, за извештајот ќе гласаме на почетокот на идната година и ако најдеме согласност со Советот, тогаш тој механизам ќе биде усвоен во првата половина на следната година“.

Опасноста од суспензија на визите за балканските земји е присутна

На прашањето дали постои реална опасност за земјите од Западен Балкан за суспендирање на безвизниот режим, Фајон за Дојче веле нагласува:

„Таа опасност постои од самиот почеток и посебно во околностите во кои се наоѓаме денес. Во ЕУ се чувствува популизмот и националзимот во време кога владите се борат со економската и финансиската криза. Оние кои бараат промена на Шенгенските права, кои би сакале промена на слободите на движење ги има се‘ повеќе и повеќе, поради сето ова е загрозен безвизниот режим“.

Механизмите за суспензија на визите постојат и сега

Фајон нагласува дека контролниот механизам веќе постои и ако некои земји уште денес побараат да се врати некоја земја на црната Шенгенска листа, тоа и сега може да се направи, но не на толку брз начин. Механизмот за кој сега се расправа, кога ќе биде усвоен, овозможува суспензијата да се случи за многу кратко време, бидејќи тоа е одлука со која не се менува регулативата и за тоа механизмот се нарекува суспензија на половина година.

На забелешката дека комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг, изрази критики за мерките кои ги спроведува Македонија и другите балкански земји за да ги спречат лажните азиланти да ја напуштаат земјата, како кршење на европската Конвенција за човекови права, која секому му гарантира право да ја напушти својата земја, европратеничката вели дека за тоа чувствително прашање се разговарало во Европскиот парламент.

Според неа потребно е да се делува со почитување на човековите права.

„Познато ми е дека властите веќе направиле повеќе позитивни чекори, но очигледно тоа не доволно. Поради тоа е потребна внимателеност и се разбира граѓаните треба да бидат свесни кои се ризиците ако тие ги кршат правата за слободно движење, не само за нив, туку за целата земја.

Einreise in das Schengen-Gebiet ohne Visum
Фотографија: DW / Anila Shuka

Важно е сите земји од Западен Балкан, посебно Македонија и Србија, каде проблемот е најголем, да направат се‘ што е можно за да се спречат граѓаните да заминуваат и да ги кршат правилата за слободно движење. Потоа, да водат информативни кампањи и да ги заштитат своите граници и се разбира да соработуваат со земјите-членки кои имаат проблеми, како и со Европската комисија и парламент.“

Бројките на азиланти не се алармантни, но тие можат да се злоупотребат

Фајон понатаму вели дека европратениците редовно се информираат за бројот на барателите на азил од земјите од Западен Балкан, барања од кои најголемиот број се одбива.

„Тоа не се така алармантни бројки ако се стават во контекстот на сите имигранти кои доаѓаат во Унијата, но сеедно на тоа, опасноста постои, посебно во ситуација на популизам и национализам, секоја бројка, па и кога не е алармантна, може да се искористи. Тоа понекогаш го чувствуваме, но тоа не е изговор за властите да ги спречат граѓаните слободно да се движат“ , завршува Тања Фајон во разговорот за Дојче веле.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема