1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина како федерација

Р. Гончаренко/Б. Георгиевски3 февруари 2014

Владејачката Партија на регионите ја споменува федерализацијата на Украина како можно решение. Во опозицијата сметаат дека зајакнувањето на регионалните власти ќе ја одведе земјата во колапс.

https://p.dw.com/p/1B1jS
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Членот 2. од украинскиот Устав ја дефинира земјата како унитарна држава. Откако се здоби со независност од Советскиот сојуз во 1991 година, земјата е поделена во 24 области, како и Автономната република Крим. Главен град и центар на земјата е Киев. Претседателот, владата и парламентот имаат надлежност за речиси сѐ, од даноци до јазична политика.

Но, тоа наскоро би можело да се промени. Сѐ повеќе сигнали укажуваат дека владејачката Партија на регионите би можела да се обиде да ја искористи кризата за да ја претвори Украина во федерација. Партијата своите упоришта ги има на истокот и на југот на земјата.

Парламентарниот весник Гласот на Украина во саботата објави предлог на Комунистичката партија за промени во Уставот, со кои земјата би добила федерално уредување. Комунистите се сојузници со Партијата на регионите, и ги поддржуваат во парламентот. Неколку дена претходно, пратеникот на Партијата на регионите Вадим Колезниченко говореше во прилог на федерализација на земјата. Земјата е на работ на граѓанска војна, а граѓаните од истокот и југот на земјата во протестите на опозицијата гледаат опасност за себе. Федерализацијата би помогнала да се спречи распад на државата, изјави Колезниченко за локалните медиуми. Според медиумските извештаи, според плановите, Украина би била поделена на седум автономни региони, секој со сопствен парламент.

Antimaidan Unterstützung für Präsidenten in Charkiw Ukraine 22.01.2014
Протест на поддржувачите на Владата во ХарковФотографија: DW/O. Induchowa

Поделена земја

Ваквите идеи не се нови. Дебатата за федерализација на Украина траат од почетокот на 90-тите години. Тогаш, полуостровот Крим сакаше да се отцепи. За време на Портокаловата револуција во 2004. регионите на истокот и југот се закануваа со отцепување во посебна република. Но, овојпат нештата делуваат посериозно. Протестите во Киев, кои барем површно делуваат како да се дело на граѓаните од западна Украина, масовно се отфрлаат на истокот на земјата. Многу граѓани од тие делови на земјата чувствуваат тесна поврзаност со Русија.

Опозициските лидери сѐ уште не го коментирале ваквиот развој на настаните, со исклучок на поранешниот пратеник Вјачеслав Кириленко. „Ова е само првиот чекор. Следниот ќе биде сецесија на источна Украина и уништување на нашата независна држава“, напиша Кириленко на својот блог, оценувајќи дека зад ваквите планови стои Русија.

Табу тема

Како граѓаните ќе реагираат на идејата е нејасно. Социолозите досега одбегнуваа да го поставуваат ова прашање во анкетите за да не ги „распламтуваат страстите“, смета Володимир Паниото, директор на киевскиот Меѓународен Институт за социологија.

Ukraine 31.01.2014 Proteste
Камп на опозицијата во КиевФотографија: Reuters/Vasily Fedosenko

На улиците на Киев, граѓаните се скептични кон идејата. „Украина како федерација нема да биде лошо, доколку биде демократска држава, како Германија“, вели еден минувач. „Ние не сме мултиетничка држава како Русија. Ние сме сите Украинци“, вели друг.

Дури ни владините поддржувачи не се одушевени од идејата. „Единството на Украина е многу важно“, вели Олександр Зинченко, предводник на ткн. Антимајдан, протести на владините поддржувачи во Киев. „Сѐ уште не е време за федерализација, а Украина не е ни економски, ниту психолошки подготвена за такво нешто. Тоа е интересна идеја за подоцна“, вели Зинченко.