1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фелер ја смирува еуфоријата на Германците, но таа ги тресе Грците, а ги зафати и Португалците

17 јуни 2004

Германија и натаму под импресиите од првиот настап на нејзината репрезентација на Европското фудбалско првенство. Нов успех на Грција, Португалија фати чекор во борбата за пласман во четвртфиналето. Досега високо ниво на прикажаниот фудбал, оценува Франц Бекенбауер. Франческо Тоти казнет со три натпревари неиграње. Денеска претстојат дуели од Бе-групата: Англија-Швајцарија и Хрватска-Франција.

https://p.dw.com/p/AenI
Германскиот селектор Руди Фелер
Германскиот селектор Руди ФелерФотографија: dpa

“Натпреварите на европското првенство се напнати и на многу високо ниво” – вака Франц Бекенбауер го оценува досегашниот тек на шампионатот на континентот. Ако Германија ги помине натпреварите во групата и го одржи нивото од средбата против Шпанија, тогаш и финалето е достижно”, вели германскиот некрунисан фудбалски кајзер (цар), но предупредува и на еуфоријата во земјата: “Многумина веруваат дека по еден нерешен резултат против Холандија ние веќе сме речиси европски прваци”. И Руди Фелер, кој најави игра со два шпица против Летонија - веројатно Бобиќ покрај Курањи, а од тимот би испаднал Бауман - исто така настојува “да ја спушти топката”: “При сета еуфорија, која врз основа на првото полувреме е и оправдана, сепак – ние не победивме, игравме нерешено и можеме и натаму да сонуваме за четвртфиналето. Во трката и натаму добро стоиме”, вели германскиот селектор.

Во трката се вклучи и домаќинот: до длабоко во ноќта Португалците ја славеа првата победа на својата репрезентација, која им ги отвора шансите за пласман во натпреварите за титулата. Десетици илјади луѓе на автомобили со националните зелено-црвени знамиња и со свирење на сирените им се радуваа на двата гола против Русија. Победата е тешко извојувана – Русија и со играч помалку по неправедното исклучување на голманот Овчиников даде силен отпор. “Не ја искористивме вистински предноста од играч повеќе. Сега ќе се опоравиме и ќе се концентрирме на решавачкиот натпревар” – изјави португалскиот селектор, Бразилецот Сколари. Нему тамошниот печат денеска му оддава комплименти за "успешен раскин со минатото, што повторно раѓа надежи за иднината” – имено четворица од големите, веќе подостарени ѕвезди ги остави на клупата, а најголемата, Фиго, ја смени во второто полувреме. Помладите, предводени од Бразилецот со португалско државјанство Деко, ја оправдаа довербата. Но, за пласман во четвртфиналето на домаќинот на првенството во последната средба од групата му е неопходна победа против соседот Шпанија, кој и со нерешен резултат би ги остварил амбициите, додека за Русија веќе нема никакви надежи. Грција и натаму со отворени очи може да сонува за четвртфиналето: по победата над Португалија, тимот предводен од германскиот стручњак Ото Рехагел успеа да одигра нерешено против Шпанија: “Играта започна по малку неповолно за нас. Ние веднаш добивме три жолти картони. Момците влегоа со многу страст во натпреварот, и потоа малку бевме исфрлени од такт. Севкупно може да се каже дека Шпанците беа подобри од нас, но ние ја имавме среќата на трудољубивиот и се боревме со страст и посветеност” – рече Ото Рехагел по новиот успех на неговиот тим кој и со нерешено против Русија би се нашол во четврфиналето.

Италија во наредните три средби не може да смета на својот главен играч: по непромислениот гест на Франческо Тоти, кој го плукна в лице Данецот Кристијан Поулсен, а тоа го регистрира телевизиската камера, УЕФА денеска му изрече казна од три натпревари неиграње. Потегот на Тоти - тема на денот во Италија, за која стана збор дури и во парламентот. Реакциите одат од разбирање - но не и оправдување, до остра осуда.

Со остра судска осуда се соочи водачот на англските хулигани, кои беснееја во летувалиштето Албуфера: доби двегодишна казна затвор што ќе ја издржува во својата земја. 11-мина Англичани и еден Русин се протерани. На петмина Германци кои предизвикуваа безредија им е изречено протерување од Португалија и петгодишна забрана за влез во таа земја.

Денеска прво играат Англија и Швајцарија, а потоа во вечерниот термин Франција се среќава со Хрватска.